За постот
|
||
Свети Ефрем, патријарх Антиохиски
Во времето на византискиот цар Анастасиј Ефрем беше војвода од источните страни. Им беше познат на сите заради неговата голема побожност и милосрдие и за ова беше многу ценет. Кога требаше да се обновува Антиохија, разурната од земјотрес и оган, царот го одреди војводата Ефрем да раководи со таа работа. Својата должност овој си ја исполнуваше со прилежност и љубов. Меѓу обичните работници ѕидари кај него имаше и некој епископ, којшто од непознати причини го беше оставил епископството и работеше како обичен работник, па никој не знаеше дека тој човек е епископ. Еден ден овој човек прилегна да се одмори од тешкиот напор со останатите работници и заспа. А војводата Ефрем виде како од него се извива огнен столб до небесата. Зачуден и ужаснат Ефрем потоа го повика човекот и го заколна да му каже кој е тој. А човеков долго се стеснуваше, но најпосла призна дека е епископ и му прорече на Ефрем дека набрзо ќе биде посветен за патријарх Антиохиски (местото на патријархот беше испразнето, зашто во земјотресот загина стариот патријарх Енфрасиј). И навистина, тие денови Ефрем беше избран и посветен за патријарх. Заради неговата добрина, чистота и ревност за Православието, Бог му даде голем дар на чудотворство. Еднаш, за да убеди еден еретик дека Православието е вистинито, тој го стави во оган својот омофор, а самиот Му се молеше на Бога. Омофорот стоеше во оган три часа и остана неоштетен. Штом го виде тоа еретикот се преплаши и ја отфрли ереста. Во 546 година Свети Ефрем мирно се упокои и се пресели во Царството Божјо.
Тропар
Низ оган беше пробана ревноста твоја, Ефреме свети, и низ оган испитана верата која спасува, о епископе Христов. Пастирскиот омофор го исповеда Патот, Вистината и Животот, на Кого ти секогаш моли се да се спасат нашите души.
Преподобен Зосим Финикиски
Овој светител се роди во селото Синди, во околината на градот Тир. Се подвизуваше во својот манастир близу градот Тир. Бидејќи немаше никакви облаци на својата совест, беше проѕорлив со духот на далечина и знаеше што се случува во светот. Така го проѕре и го виде падот на Антиохија од земјотресот и плачеше горко спрострен на земја за да не го погуби Бог докрај овој град. Еднаш се случи кога патуваше магарето му го изеде лав. Светителот му нареди на лавот да му послужи како магаре и да му го понесе товарот. Лавот се покажа пред него кроток како јагне, го прими товарот и го носеше с ? до портите на градот Кесарија, каде што Свети Зосим го ослободи од својот товар и го пушти. Овој светител се упокои мирно во 6 век.
Тропар
Слуго Божји, Зосиме свет, тебе Господарот секое добро поради послушание те награди и учител во пустината те постави, за многумина да приведеш кон Патот кого ти Го гледаше. Радувај се и за нас моли се, оче преподобен, домот наш – Христов да постане.
Пренос на моштите на Светиот великомаченик Теодор Стратилат
Се празнува на 8 февруари и под тој датум е опишано житието на овој светител. Но на 8 јуни се празнува преносот на неговите мошти од Ираклија во Евхаита, зашто Свети Теодор му заветуваше на својот слуга Вар кога страдаше: „Телото мое положи го во Евхаита, на имотот на моите предци“. Свети Атанасиј Синајски запиша едно чудо од иконата на Свети Теодор. Во местото Карсата близу Дамаск имаше една црква посветена на Свети Теодор Стратилат. Кога Сарацените го покорија Дамаск, една група Сарацени со жени и деца се населија во таа црква. На ѕидот имаше фреска со ликот на Свети Теодор. Еден од Сарацените зеде стрела и со неа го удри лицето од ликот на светителот. Одеднаш од лицето потече крв. А наскоро потоа сите Сарацени од оваа група изумреа овде во црквата. Свети Атанасиј вели дека самиот лично бил во таа црква и го видел ликот на светителот со траги од засирена крв.
Тропар
Вистински воин на Словото, Теодоре мачениче, со оружјето на верата мудро вооружувајќи се, на Небесниот Цар предобар војвода постана, победувајќи ги демонските полкови, се покажа како победоносен страдалник, затоа со вера те прославуваме.