Пренос на моштите на Светите маченици Кир и Јован
Се празнуваат на 31 јануари. Под тој датум е опишано нивното житие и страдање. На 28 јуни се празнува преносот на нивните мошти од Канопос во Манутин и многубројните чуда што се случија притоа. Александрискиот патријарх Св. Кирил истрајно се молеше на Бога да го уништи идолското нечестие во Манутин, кај што имаше идолски храм и владееше демонска сила. Тогаш на патријархот му се јави ангел Божји и му рече дека Манутин ќе биде очистен од нечестието ако тој ги пренесе таму моштите на Светите Кир и Јован. Патријархот веднаш го направи тоа: ги пренесе чесните мошти на мачениците во Манутин и изгради таму црква, којашто им ја посвети на Светите Кир и Јован. Од моштите на овие маченици се исцели од шкрофул Амониј, синот на александрискиот градоначалник Јулијан; некој Теодор од слепило; Исидор од Мајум се исцели од раскапување на црниот дроб; една жена Теодора од отруеност; некој Евгениј од водена болест. Сето тоа се случи во 412 година.
Тропар
Чудата извршени од Твоите свети маченици, Христе Боже, за нас се покажаа карпа несоборлива. По нивните молитви, намерите на противниците разруши ги, народот заштити го, зашто си Единствен благ и Човекољубив.
Преподобен Сенуфиј Знаменосец
Голем испосник и чудотворец од Мисирската пустина. Современик на патријархот Теофил и царот Теодосиј Велики. Наречен Знаменосец бидејќи еднаш со молитва му помогна на царот Теодосиј да ја одржи победата над непријателската војска. Кога царот го повика да појде во Цариград, му одговори дека не може, но му испрати едно свое ветво расо и стап. Кога тргна да војува, царот го облече расото на Сенуфиј и го понесе неговиот стап. Од војната се врати како победник.
Тропар
Пустински подвижниче, Сенуфие преподобен оче, знамение од срцето твое: ликот Христов на царска порфира се појави, и непријателот го посрами. Радувај се, свети чудотворче, на кого благодатта силна молитва подари и за наше спасение моли се.
Преподобен Павле Лекар
Роден коринтјанин. По школувањето се повлече во манастир и стана монах. Водеше голема борба со нечистиот дух на блудот. Кога го изгони од себе со силата на Крстот, духот тргна да му напакости со тоа што ја натера една развратна жена да рече дека со Павле родила дете. Тогаш еретиците го извлекоа од манастирот, му го дадоа детето в раце и го водеа по градот за да го плука толпата. Детето имаше само неколку дена. Свети Павле се помоли срдечно на Бога и му рече на народот: „Еве, нека каже детето кој му е татко!“ А детето ги испружи рацете, покажа на некој ковач и рече: „Овој ми е татко, а не Павле монахот!“ Противниците на Павле се посрамија, а нему Бог му даде голема исцелителна моќ, така што кога ги ставаше рацете на болните, оздравуваа. На старост се упокои мирно, откако Му угоди на Бога со животот на земјата. Живееше во 7 век.
Тропар
Смирението твое Христос во лек го претвори за душите човечки, а подвигот закитен со трпение те направи достојнославен ученик Господов. Затоа чест и славословие од нас денес прими, Павле свет лекаре, и на Христа Бога моли се за наше спасение.
Преподобен Софрониј од Есекс
Преподобен Софрониј бил роден како Сергиј Симеонович Сахаров во Москва, на 23 септември 1896 година. Емигрирал во западна Европа, во 1921 година, а една година подоцна се преселил во Париз, каде што сакал да изгради кариера како ликовен уметник. Таму идниот монах се вратил во верата на своите татковци, светото Православие. Во 1926 година Сергиј стапил во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Света Гора, каде што му станал духовно чедо на великиот Старец, преподобен Силуан Атонски, а при замонашувањето му било дадено името Софрониј. Во 1958 година се преселил во Англија и го основал манастирот „Свети Јован Крстител“, во Толшант Најтс. На 11 јули 1993 година преподобен Софрониј се упокоил во Господ.