За постот
|
||
Светиот маченик Иполит
Беше воен началник и надзорник на затворот во Рим; роден и воспитан како незнабожец. Кога беше фрлен во затвор архиѓаконот Свети Лаврентиј, на Иполит му беше наредено од царот особено да бдее над овој затвореник. Иполит виде со свои очи кога Лаврентиј му го врати видот на слепиот Лукилиј и како исцели мнозина други болни, па поверува во Христа. Кога Лаврентиј го крсти, Иполит имаше небесно видение и рече: „Ги видов непорочните души во голема радост“ (т. е. на небесата). Тогаш тој го зеде Лаврентиј во својот дом, та Светиот архиѓакон му ги крсти сите деца што ги имаше; семејството заедно со старата дадилка Конкордија броеше деветнаесетмина. Кога Лаврентиј беше убиен за Христа, Иполит ноќе го зеде телото на маченикот, го завитка во плаштаница и чесно го погреба. Но тоа некако му дојде до уши на царот Декиј и на третиот ден по смртта на Лаврентиј го фатија Иполит и го изведоа пред царот, па бидејќи не сакаше да се откаже од вистинитата вера, го биеја со камења по устата. Потоа царот нареди да го соблечат гол и да го бијат. Кога стоеше гол пред царот, Иполит му рече: „Не си ме соблекол, туку почна да ме облекуваш.“ Тогаш го спружија по земја и го шибаа немилосрдно, а Иполит само викаше: „Христијанин сум!“ Кога слушна царот дека и домашните на Иполит се христијани, нареди да ги доведат сите. Старата Конкордија рече: „Ние повеќе сакаме со нашиот господар чесно да умреме во верата Христова одошто со вас нечестивите бесчесно да живееме.“ Таа прва беше убиена, а по неа и останатите осумнаесетмина, сите пред очите на Иполит. Најпосле самиот Иполит го врзаа за див коњ и го влечеа натаму-наваму дури не ја предаде душата на Бога.
Свети Тихон Задонски
Го викаат и Вороњежски. Роден е во селото Короцка во Новгородската губернија во 1724 година во прост селански дом. Во неговата триесет и четврта година прими монашки чин и заради неговите подвизи и големата духовна мудрост добиваше с ? поголема и поголема служба, дури најпосле не го хиротонисаа за епископ Вороњежски. Епископствуваше неполни пет години, а потоа заради слабото здравје се повлече во Задонскиот манастир. Се упокои мирно во 1783 година во Задонск, каде што неговите чудотворни мошти почиваат и сега. Голем подвижник на Црквата во Русија, редок пастир, молитвеник и творец на прекрасни духовни дела. По својата мудрост, светост и подвиг може да се споредува со големите отци на Православната Црква од древните времиња. Заради многубројните посведочени чуда над неговите мошти, за светител е прогласен најпрво од народот, а потоа и од официјалната Црква, во 1861 година.
Тропар
Кон Господа Кој те возљуби, ти твојата душа и срце ги насочи, о Тихоне пастиру Божји, а мислите да дадеш с?, само бисерот скапоцен да го купиш, се развеаја секому угодувајќи, од благодатните дарови раздавајќи. За нас сега моли се, преподобен оче, од твоето небесно сокровиште: радост на радосните, плач на плачливите, утешител на угнетените – достојнословен пријател Божји.
Преподобната царица Ирина
Монашкото име ѝ е Ксенија. Жена на царот Кало-Јован (1118 г. – 1143 г.). Освен по нејзините монашки подвизи и многубројни добри дела, прочуена е и како основоположничка на манастирот Пантократор во Цариград, еден од најславните и најубавите цариградски манастири.
Преподобен Серид
Прочуен е како основач на прочуена обител близу Газа во Палестина. Во оваа обител се подвизуваа славни мажи, како Варсонуфиј, Јован, авва Доротеј, Доситеј и други. Свети Серид го заврши земниот живот во 6 век. Тоагш се пресели во вечната радост на Господ.
Пренос на моштите на преподобен Максим Исповедник
Цариграѓанин по род и најнапред висок дворјанин на дворецот на царот Ираклиј, а потоа монах и игумен на еден манастир недалеку од престолнината. Најголем бранител на Православието од т.н. монотелитска ерес, која се изродила од ереста Евтихиева. Имено, како што тврдел Евтихиј дека Христос има една природа, така монотелитите тврделе дека Он има една волја. Свети Максим се спротивставил на тоа тврдење и се нашол како противник на царот и на патријархот. Но не се исплашил, туку докрај истрајал во докажувањето дека Господ Христос имал две волји соодветно на двете природи. На негово настојување се одржал еден собор во Картагена, а друг во Рим. И двата собори го анатемисале учењето на монотелитите. Страдањето на свети Максим за Православието е неописливо: малтретиран од кнезовите, измамуван од судиите, плукан од народните маси, тепан од војниците, прогонуван, затворан, а најпосле му ги отсекле јазикот и раката и го осудиле на доживотно прогонство во земјата Скитска, каде што три години поминал во затвор, па Му ја предал својата света душа на Бог во 666 година. На овој ден се празнува преносот на неговите мошти од Колхида (Грузија) во Константинопол.
Тропар
Радувај се, горни Ерусалиме, радувајте се христијани по сите краишта земни, радувај се, свети Максиме, Бог благоволи прослава да воздаде, преку твоите мошти благослов да подари на чедата кои го почитуваат столбот на вистината, кој остана тврдина непоколеблива и Христа Го прослави низ целата вселена.
Кондак
Трисијателната Светлина, која се всели во твојата душа, себлажени Максиме, те покажа како избран сад кој божествената наука ја објавуваш до краиштата на вселената, ги објаснуваш тешко разбирливите пораки, и на сите јасно им Ја проповедаш предвечната и беспочетна Троица.