За постот
|
||
Свети Сава Осветен
Незначајното село Муталаск во Кападокија стана славно поради ова големо светило на Црквата. Овде Сава се роди од татко Јован и мајка Софија. Родителскиот дом го напушти кога имаше осум години и се замонаши во блиската обител наречена Флавијанова. После десет години премина во Палестинските манастири и таму најдолго се задржа во обителта на Светите Ефтимиј Велики (под 20 јануари) и Теоктист. Проѕорливиот Ефтимиј за него прорече дека ќе стане славен монах и наставник на монасите и дека ќе основа лавра поголема од сите лаври на сите времиња. По смртта на Св. Ефтимиј Сава се оддалечи во пустина, каде што во една пештера, којашто му ја покажа ангел Божји, помина како отшелник пет години. Потоа, кога стана совршен монах, по Божја Промисла околу него почнаа да се собираат многумина ревнители за духовниот живот. Набрзо се собраа во толкав број, што Сава мораше да гради и црква и многубројни келии. Дојдоа и некои Ерменци, на коишто тој им одреди пештера за во неа да служат на ерменски јазик. Кога умре татко му, кај него дојде неговата остарена мајка Софија, којашто тој ја замонаши и ? даде келија подалеку од неговиот манастир, па во неа таа се подвизуваше до крајот на животот. Овој Свет отец претрпе многу напасти од ближните, од еретиците и од демоните. Но тој сите ги победуваше, и тоа: блиските со благост и попустливост, еретиците со непоколебливо православно исповедање, а демоните со крсниот знак и повикувајќи Го на помош Бога. Особено голема борба имаше со демоните на гората Кастела, каде што го основа својот втор манастир. Тој и неговиот сосед Теодосиј Велики се сметани за најголеми светила и столбови на Православието на Исток. Тие ги исправаа царевите и патријарсите во верата, а на сите им служеа како пример на светителско смирение и на чудесната Божја сила. После трудољубивиот и многуплоден живот Св. Сава се упокои во 532 година, во деведесет и четвртата година од својот живот. Меѓу другото, тој го устрои манастирскиот типик на богослужење, којшто подоцна се рашири по целото Православие и стана познат како Ерусалимски устав.
Тропар
Пастиру Христов, оче свети, Саво преподобен, славословие на Тивката Светлина Христова, Ти, кој Господа Го прослави во светата земја, а целата вселена се напои од мудроста Божја, преку тебе посведочена, а од срцето твое прочитана. Моли се за нас недостојните, кои го почитуваме светиот спомен твој, и на Бога благодарност вознесуваме за таквиот плод на Љубовта Негова.
Преподобен Нектариј Битолски
Родум од Битола. Најпрво се подвизувал во манастирот „Свети Врачи“ кај Битола, заедно со својот замонашен татко Пахомиј. Потоа преминал на Кареја, каде што го продолжил подвигот под раководство на Старците Филотеј и Дионисиј, во ќелијата на Светите Архангели. Откако ги победил човечката завист, демонските напасти и тешките болести, се преселил во Царството Христово на 5 декември 1500 година. Неговите чудотворни мошти цели, нетлени и благоухани, почиваат во истата ќелија.
Тропар
Како ѕвезда зороносна си изгреал на Атос, си го осветлил карејскиот скит, те воспита градот Битола, оче наш Нектарие. Просветли ги сите што со љубов те чествуваат и непрестајно моли се за сите нас. Слава Му на Христа, Кој те прославил, слава Му што те облагодатил, слава Му на Оној што преку тебе ни даде нам исцеление.
Кондак
На оние од Атос, од Кареја, си им бил како ангел, кој подвигот добро го заврши. Си израснал како дрво плодоносно во реки од воздржание, а душата си ја исчистил со потоци од солзи. Сите те познаваат како божествен сосад на Духот, оче Нектарие.
Преподобните маченици Карејски
Пострадаа од папистите во времето на унијата којашто со папата ја направи царот Михаил Палеолог (1260 г. – 1281 г.). Протатот на Света Гора беше обесен, а останатите убиени со меч (поисцрпно за тоа под 10 октомври).
Преподобните Карион и Захарија
Татко и син, обајцата големи мисирски подвижници. Карион ја остави жената и двете деца и замина во монаштво. Младиот Захарија како дете беше земен во манастир и со својот подвиг го надмина својот татко и многумина други прочуени подвижници. Кога го прашаа Захарија кој е вистински монах, одговори: „Оној којшто себеси посотјано се принудува да ги извршува Божјите заповеди“.
Тропар
Пустината како градина миомирисна вашите подвизи ги подигна до Горниот Ерусалим, од каде Господ на вас погледна. Оче преподобен Карионе, благодатта на тебе положена двојно се зголеми на твојот син Захарија, како некогаш Илија на Елисеј, и затоа велик е пред Господа, и ревносен молитвеник за душите наши.