1:35-51
| 35. | А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици. |
| 36. | И штом Го виде Исуса да врви, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!” |
| 37. | Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исуса. |
| 38. | А Исус, кога се сврти и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?” Тие Му одговорија: „Рави (што значи – Учителе) каде живееш?” |
| 39. | Им рече: „Дојдете и видете!” Тие отидоа и видоа каде живее; и останаа тој ден при Него. Беше околу десеттиот час. |
| 40. | А еден од двајцата, што беа чуле за Исуса и беа тргнале по Него, беше Андреј братот на Симона Петра. |
| 41. | Тој прв го најде брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месија, кое значи: Христос!” |
| 42. | И го одведе при Исуса. А Исус, кога го погледа, му рече: „Ти си Симон, син Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар – камен.” |
| 43. | На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филипа, па му рече: „Врви по Мене!” |
| 44. | И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреја и Петра. |
| 45. | Филип го најде Натанаила и му рече: „Го најдовме Исуса, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците!” |
| 46. | А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?” Филип му одговори: „Дојди и види!” |
| 47. | Исус, пак, кога го виде Натанаила да иде при Него, рече: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство.” |
| 48. | Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?” Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.” |
| 49. | Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот Израилев!” |
| 50. | А Исус, одговарајќи, му кажа: „Веруваш, оти ти реков дека те видов под смоквата; ќе видиш повеќе од ова.” |
| 51. | И пак рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки.” |