Божествена Литургија во Струмица
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Струмица (28.06.2024 17:40)

Денес, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата „Свети Јован Крстител“, во Струмица. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата, Владиката рече:

„Господ ни заповеда да не се заколнуваме воопшто, затоа што заколнувањето најчесто станува инструмент за задоволување на нечии интереси – или на тој што се заколнува или на тој што ја бара заклетвата; или е некој вид самооправдување. Господ ни заповеда само да имаме чиста намера: „зборот ваш да биде: да, да, – не, не, а сè што е повеќе од тоа, од лукавиот е“, а не едно да зборуваме, а друго да мислиме во себе, односно да лажеме и да немаме намера да си го исполниме зборот; што, на крај, повторно се сведува на нечесно остварување на индивидуална корист. Она што многумина забораваат е дека луѓето и можеме да ги излажеме, но праведниот Судија – Господ, никогаш. А во врска со непротивењето на злото, се плашам дека малкумина се веќе и оние кои се православни христијани што можат да го слушаат ова слово, а камоли да имаат сила да го спроведат на дело. Денес, „православните христијани“ не само што не се пример за непротивење на злото, туку се главен пример за чинење на зло во светот, и тоа не на не знам какви непријатели, туку на своите браќа по крв. Видете само колку се намножија религиозните социопати на социјалните мрежи; кога на таквите некој би им дал и власт и оружје, или пари, можеме да замислиме што би се случувало. Додуша, заборавив дека не треба да замислуваме – гледаме. Среќа што знаеме дека без Божја дозвола ни влакно не може да падне од нашата глава. На пример, кога ние би се плашеле од глупавиот демон, не би можеле ни монаси да бидеме, а камоли... Да, не сега, тоа таму во Царството ќе се види што сме направиле, и Христос ќе ни суди, за среќа... Оти, „православните“ овде веќе нѐ осудија на пекол, за што сме им многу благодарни.“