Аскетска болка и духовна сладост (30.03.2025 13:43)
„Главна мотивација при извршувањето на гревот и задоволувањето на страстите е гревовната сладост. Дар Божји и истовремено Негово допуштение, за оттргнување на човекот од гревовните наслади, е освестувачката болка што секако потоа следува. При духовниот развој на личноста се случува обратен, но исцелителен процес. Прво се случува аскетската болка при подвигот на преобразувањето на страстите, а дури потоа благодатна сладост. Сладоста и болката, начелно, се должат на присуството или отсуството на Божјата благодат. Подвигот може да биде волен – кога со благослов, односно во послушание на духовниот отец, подвижникот самиот си го наметнува. И може да биде неволен – кога со благодарност и смирение верниот го трпи сето она што Бог ќе допушти да му се случи, а кое го помага процесот на неговото очистување, преобразување и исцеление. Човекот никогаш не може толку совршено да се подвизува колку што тоа може да му го подготви Божјата промисла. Затоа, секоја лоша вест за него или лошо случување, како внатрешна борба, човечка неправда, болест или неуспех и слично, човекот треба да го прифати како дар Божји и најсрдечно и со доверба да Му благодари на Бог. Преку неволните страдања се надополнува она што недостасува во квалитетот на волевиот подвиг. Во животот на христијанинот се случува или пројавување на благодатта – поради подвигот на очистување на срцето од страстите, или повлекување на благодатта – поради гревовното одрекување од неа, од Бог. Понекогаш благодатта се крие – кога Бог сака да ги научи христијаните да не бидат наемници, туку деца Негови и само тогаш духовно се расте. Треба да се разликува болка што произлегува од подвигот на преобразување – таа болка никогаш не е без утеха, односно сладост, од болка која е последица на гревот – таквата болка е секогаш без утеха. И треба да се разликува сладост што произлегува од подвигот на преобразување – таа сладост никогаш не е без болка, тага, но поради нашето несовршенство и поради тоа што другите страдаат, од сладост што се доживува при вршење на гревот – таквата сладост е привремена илузија што носи само поголема празнина и болка.“ – Митрополит Струмички Наум