Недела на света Марија Египетска
 
 
 
 
 

Недела на света Марија Египетска (06.04.2025 14:10)

Денес, во Неделата на света Марија Египетска, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во параклисот „Свети Григориј Палама, преподобен Јосиф Исихаст и преподобен Јустин Ќелиски“, во Водоча.

„Луѓето вообичаено плачат поради последиците од својот грев, наместо поради причините. Кога би заплакале поради причините, тие би престанале да плачат поради самите себе, а би заплакале за спасението на целиот свет. Луѓето место превентивно, плачат од мака; а колку ќе беше добро ако солзите им беа барем лек, ако беа од покајание. Превентивниот плач е плач од самопознание; и обратно – непознавањето на себеси носи плач од очајание. Оној што го краси самопознание, нема потреба да плаче за себе. Исцелениот ум се грижи за спасението на сите, а болниот само за самиот себе – и тоа напразно.

Што се однесува до Апокалипсата, не знам како некои мислат дека ќе ја избегнат. Ако не општата, секој ќе ја доживее личната; тежината ќе биде според силите. Нема како да се избегне. Богочовекот Христос го живее животот на секој еден од нас поединечно и секој еден од нас го живее Неговиот живот. Никој од нас нема да избегне страдање, крст, смрт и воскресение, но едни ќе воскреснат за живот, а други за суд – кој како сака. Никој да не ве плаши со нешто што е неизбежно и никој да не ве плаши со нешто чиј крај е Христос. Ние, во православна вера, го очекуваме со радост тој бескраен Крај.“ – Митрополит Струмички Наум