Благовести (07.04.2025 14:46)
Денес, на празникот Благовештение, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија во црквата „Св. Григориј Палама и св. великомаченик Димитриј“, во Струмица. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во беседата на Литургијата, Владиката рече:
Деца, на Онаа Која е почесна од херувимите и безмерно пославна од серафимите не Ѝ требаше од ангел, па макар бил тоа и архангел Гаврил, да ја дознава вистината за воплотувањето на Синот Божји од Светиот Дух во Неа.
Се сеќавате што сум ви говорел: веќе на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот, се здобиваме со одредена слобода пред Бог. Тогаш не само што нашите главни планови често ќе се совпаѓаат со Божјите планови, иако не секогаш во она време што ние го посакуваме, туку веќе го добиваме дарот Божји, сами, во своето срце – во областа на Царството Небесно, да го подготвиме она што ќе сакаме да ни се случи во иднина, согласно волјата Божја. Ви говорам за благодатниот подвиг на аскетската умно-срдечна молитва.
Колку повеќе сето ова важи за недостижниот исихастичко-молитвен подвиг што Пресветата го имала во Светињата на светињите од старозаветниот храм. Со други зборови кажано, тоа што денес Архангелот го благовести веќе беше договорено и восогласено помеѓу Бог и Приснодева Марија во Нејзиното срце, пред кој било друг да знае. Ова е согласно и со персоналниот, личносниот принцип на толкување на Светото Евангелие. Замислете само колку би било неличносно, толку суштински момент од Божјиот Домострој на нашето спасение поврзан со Неа, Богородица да го дознава од друг, а не лично. Денес, во Светата Литургија на Црквата тоа само се остварува, се посведочува и се обзнанува – заради наша поука и заради наше спасение.
Истото важи и за евангелското четиво каде што се опишува случката со барањето на 12-годишниот Христос во Ерусалим, која предизвикува одредени недоумици. Во него читаме дека праведниот Јосиф и Мајка Му „не Го забележале“, „Го мислеле“, „Го барале“, „Го нашле“, „Го прекориле“, „не ги разбирале зборовите“ (Лука 2, 42–52). Но, иако сето ова е напишано во множина – како да се однесува и на двајцата, сепак тоа се однесува само на Јосиф, но не и на Богородица и Секогашдева Марија. Како може Онаа што е наречена Ширшаја небес – Поширока од небесата, зашто Го смести во Себе Несместливиот Бог, Онаа што е почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, Онаа што во Себе ја има лично полнотата на Божјата благодат – исто колку и Бог, како може, велам, Онаа што ги знае случувањата и однапред, да не знае каде Ѝ Е толку возљубеното чедо? Затоа што, како би му објаснила Марија на Јосиф – зошто тој не е известен, или на кој начин Она знае каде е Исус, а тој не знае? Или, како Она би се сокрила Која Е и како би го сокрила Својот подвиг на туѓинување и анонимност? Ова е точно тоа што се случува, според мене. Обратното толкување би било сосема неличносно. Богородица е олицетворение на „последното место“ за кое ни говори Богочовекот Исус Христос во Своето Евангелие.
Или, како Онаа што цела Своја младост ја помина молитвено тихувајќи во Светињата на светињите да не разбере што значат Христовите зборови: „Што сте Ме барале? Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, коешто е на Мојот Отец?“ Уште ова, „А мајка Му ги пазеше сите тие зборови во срцето свое“ (Лука 2, 49; 51). Да, во срцето на Богородица, нашата Пресвета Владичица, се чува најчистото Предание на Црквата.
Во тој контекст, да се потсетиме и на оној чудесен момент од свадбата во Кана Галилејска – „немаат вино“ (Јован 2, 3). Дали, по навидум грубиот одговор – „Што бараш од Мене, жено? Уште не е дојден Мојот час“ (Јован 2, 4), Таа нешто Го замоли или Му се обрати повторно? Не; им се обрати на слугите – „Направете како што ќе ви рече“ (Јован 2, 5), едноставно знаејќи дека Он ќе Ја послуша! А Кој постапи според Нејзината желба, иако претходно се противеше? Лично Нејзиниот Син, а наш Бог, Богочовекот Исус Христос. Кој Кому овде Му е послушен е сосем очигледно. И знаете ли што значат зборовите – „уште не е дојден Мојот час“? Тоа дека Христос, поради послушанието кон Неа, мора да интервенира и да промени дел од Домостројот на спасението договорен во Предвечниот Совет на Света Троица.
Но ние, обичните луѓе − дури и обожени, кои немаме власт да Му заповедаме, туку само да Го молиме, пред да можеме да Му речеме на Бог – „не“ за што било, имаме да Му кажеме многу „да“, кои можеби ќе немаат ниту логика, ниту смисла, ниту извесност, а можеби ниту живот, додека да го чуеме Неговото „да“ како сведоштво на нашето боговподобување.
Богородица во потполност ни ја открива Тајната на новите личносни односи - основани после Воплотувањето, каде што новиот однос очигледно ја надминува стереотипната разлика Бог – човек. Затоа, никој да не се сомнева во власта на Мајката Божја, од Која и Бог Отец барал дозвола пред и при воплотувањето на Својот Единороден Син, од Светиот Дух, да го овозможи нашето спасение – во рамките на Божјата Промисла за нас и нашата желба за истото, затоа што тој сомнеж ја растројува целата благочестивост на човековата душа. Слободно и без помисла на сомнеж, со плач и радост да повикуваме кога и каде ќе можеме: Пресвета Богородице, спаси нас!