Цветници
 
 
 
 
 

Цветници (13.04.2025 14:48)

Денес, на празникот Цветници, Митрополитот Струмички г. Наум во сослужение на неговиот викарен Епископ Стобиски г. Јаков отслужи Божествена Литургија во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, во Струмица. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во беседата на Литургијата, Владиката Наум рече:

„Ако некој сака, не е касно и од денес па до Велигден да пости, за да се причести. Но, многу поважно и од самиот пост е да ги исповеда своите гревови што го одвојуваат од Христос и да одлучи да не ги повтори повеќе. Мислам дека е доволно и само да одлучи да не прави гревови што го одвојуваат од Христос и да одлучи дека ќе се исповеда, штом пронајде духовник пред кого ќе може да си ја отвори душата, па да се причести. Доволно е да посака да се испразни од гревот и да се исполни со Христос. Луѓе, не се колебајте да пристапите кон Христос, па Он, за да ни го овозможи овој пристап до Него, беше распнат на Крст и пострада; верувајте во Неговата љубов. И не само тоа, Он е спремен уште безброј пати да пострада, а и страда заедно со секој еден од нас, само и само, некако да стигне до нашето срце и да го најде отворено за Него. Отворете си го своето срце за Богочовекот Христос, дури и само посакајте да го отворите и да Го примите во себе, и ќе доживеете радост и светлина која никогаш нема да ве напушти, ниту вие ќе сакате да ве напушти. Не дозволувајте никој и ништо да се попречи помеѓу вас и Него, Он Е самата смисла на вашето постоење. Во Него живеете и во Него постоите; уште само и во себе да Го примите, та Христос да биде сé во сите, а секој да стане потполно свој – слободен од ропството на гревот. Исполни го Господи овој Твој копнеж преку мене, најмалиот од Твоите епископи, објавен за вера, надеж и просветлување на Твоите луѓе, зашто без Тебе ништо не можеме да направиме; и прости ни за сé. Амин.“