Велик четврток (17.04.2025 14:58)
„Често си го поставуваме прашањето: „да не Му згрешив нешто на Бог“? – посебно, кога нешто лошо ни се случува. Секако дека најчесто нешто и грешиме; ние не сме способни христијански правилно да живееме, освен можеби – да умреме како христијани. Но, Господ не нѐ казнува, затоа што негде нешто Му грешиме, па затоа сега треба да страдаме. Бог никогаш не нè казнува, Бог само нè љуби. Секогаш самите се казнуваме кога отпаѓаме, преку гревот, од Неговата благодат, а паѓаме во рацете на демоните. Дури, погрешно е да мислиме дека Господ нѐ казнува кога грешиме, па ние ако престанеме да Му грешиме, нема повеќе да страдаме. Ќе страдаме секако и без ништо, ни најмалку да згрешиме. Едноставно, сите сме паднати и болни, меѓусебно природно поврзани и одговорни еден за друг, а процесот на исцеление од општата болест и падот поминува низ болни, волни и неволни, интервенции – и лични и заеднички. Страдањето е Божјо допуштение за нашето спасение. Ама едно е да страдаме како несовршени, но сепак деца Божји – без да имаме гревови кои нас нѐ одделуваат од Него, од причестувањето со Него, а друго како грешни и отпаднати од Него. Едното страдање има соборна димензија – помага и на спасението на другите, а другото повеќе има лична димензија – помага само ние да се спасиме. Таков е крстот наш, а пред крстот или ќе се смириме или нема. Ако се смириме и Му се заблагодариме на Бог – тој станува лесен, ако не – ќе стане тежок за носење. Да не си помисли некој дека не знам што е крст па лесно ми е да поучувам. Јас зборувам од искуството на мојот крст; а крстовите што ги носиме ни се многу прецизно поделени според нашите сили, така што ничиј не е полесен од оној на другите, и сечиј крст е толку личен што никој не би можел да преземе нечиј друг крст, а да не пропадне под неговата тежина. А каков крст конкретно ќе носиме, тоа е Божја одлука, согласно потребите на нашето лично и заедничко спасение – кои само Он ги знае. Ти благодарам, Господи, и за мојот и за Твојот Крст – без кој, мојот немаше да има смисла!“ – Митрополит Струмички Наум