Неделата на Светите Отци од Првиот Вселенски собор во Тумане, Србија
 
 
 
 
 

Неделата на Светите Отци од Првиот Вселенски собор во Тумане, Србија (01.06.2025 16:07)

Денес, во Неделата на Светите Отци од Првиот Вселенски собор, викарниот Епископ Стобиски г. Јаков, со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, сослужуваше на Светата Божествена Литургија, со која началствуваше Неговата Светост Патријархот Српски г. Порфириј, во манастирот Тумане, заедно со Митрополитите Браничевски г. Игнатиј, Шумадиски г. Јован, Тимочки г. Иларион и  Епископите Осечко-полски и Барањски г. Херувим, Ваљевски г. Исихиј, Шабачки г. Јеротеј, Париски и Западно-европски г. Јустин, Топлички г. Петар, Новобрдски г. Иларион, како и свештенството и монаштвото од повеќе епархии на Српската Православна Црква. Поучувајќи ги присутните, Патријархот Порфириј истакна дека светителите Божји биле луѓе на вера и подвижништво и затоа Господ ги прослави, не затоа што тоа најпрвин било потребно на Бога, па ниту на самите светители Божји, туку поради нас, поради нашата утеха, поради нашите слабости, за да се зајакне и засили нашата вера.

Во манастирот беа собрани десетици илјади верници од сите краиштата на Србија и регионот кои дојдоа да измолат благослов и небесна заштита од светите Тумански чудотворци.

По Божествената Литургија светите мошти на преподобниот чудотворец Зосим Тумански беа изнесени од кивотот и, во присуство на клирот и верните, облечени во нови одежди, додека деловите од старите беа дарувани на благослов на присутните.

Светите мошти на светиот Зосим Тумански потоа беа пренесени во свечената крстоносна литија до неговата келија, местото каде што се подвизуваше во молитва, пост и тихување. Овој духовен обичај го воспоставиле руските монаси во манастирот Тумане уште пред Втората светска војна, а обновен е во 2017 година со доаѓањето на новото братство. Оттогаш, во неделата по Спасовден традиционално се собира мноштво верен народ во овој свет манасир. Потоа се беа прочитани Акатистот на светиот Зосим и молитвите за мир.