Излезе од печат новата книга на Митрополитот Струмички Наум: „Еден од нас“
 
 
 
 
 

Излезе од печат новата книга на Митрополитот Струмички Наум: „Еден од нас“ (30.04.2024 20:10)

Во Страсната седмица, излезе од печат новата книга на Митрополитот Струмички Наум – „Еден од нас“, во издание на манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, Велјуса.

***

„Многу интересно случување. Крајот е како сеќавање на почетокот; збогувањето како првата средба. Чудесно возобновување на заедницата.

Воскреснатиот Господ, Исус Христос, трипати по ред го прашува Петар дали Го љуби за лично да ги поништи трите негови одрекувања, а тој откако двапати му одговорил: Те љубам, третиот пат му одговара со: Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам.

Овојпат, Петар се повикува на реалната заедница што ја имаат тие двајцата, на сето тоа што се случува помеѓу нив, што се случува и што ќе се случи. Ти сè знаеш – значи дека Господ знае од самиот почеток како Петар тргна по Него, како Го исповедаше за Син Божји, како се одрече од Него, како Го љуби, па и како ќе пострада за Него.

Забележливо е дека трикратното прашање за љубов кон Богочовекот е поврзано со трикратна заповед за водство на словесното стадо. Само оној што Го љуби Христос може да биде и духовен водач на верните. Сите други се само наемници со сомнителна лојалност – до првата мака или до првиот прогон.

Такво прашање: Ме љубиш ли?, добиваме и ние секојдневно преку секој што ќе го сретнеме на нашиот пат, па и од „најмалиот“. Во најекстремен случај – и од нашите непријатели.“

(извадок од книгата)