Монашење во манастирот во Велјуса
 
 
 
 
 

Монашење во манастирот во Велјуса (11.07.2025 14:26)

Нема идеално место. Нема идеални луѓе, идеален човек. Тешко нас ако беше поинаку. Ако беше сѐ идеално, никој не ќе можеше да се познае себеси, никој не ќе можеше духовно да расте, никој не ќе можеше да се спаси.

Луѓето на коишто ова не им е јасно или коишто немаат вера, постојано се во потрага по овоземно царство и овоземна правда, т.е. по идеално место и идеално човечко опкружување. Таквите се постојано насочени кон надвор, надвор од својот внатрешен свет – што ги измачува, надвор од своето срце и, следствено, надвор од вистинскиот Пат. Таквите проблемот го бараат секогаш надвор од себе, секогаш нешто очекуваат и, притоа, најчесто ги занемаруваат своите секојдневни обврски или ги извршуваат со мака. Животот околу нив, и при најдобри услови, е пекол.

Луѓето на коишто им е јасно дека нема идеално место и идеални луѓе, т.е коишто имаат вера, најпрво го бараат Царството Небесно и Божјата правда. Таквите се насочени, пред сѐ, кон себеси, кон својот внатрешен свет, кон откривање на своите внатрешни потенцијали, кон своето срце, и следствено, чекорат по вистинскиот Пат. Таквите проблемот го бараат најпрво во себе, ништо од никого не очекуваат и, притоа, ги исполнуваат и своите секојдневни обврски – со радост. Животот околу нив, и при лоши услови, е радосен, има претвкус на рај.

Убаво е речено: „Барајте го најнапред Царството Небесно и сѐ друго ќе ви се додаде“. Целиот наш живот и целото наше внимание треба да е насочено кон нашето духовно срце, а кога тоа ќе се отвори за умно-срдечната молитва, тогаш ќе немаме потреба од идеален човек и идеално место, тогаш ќе ни се открие тајната на Богочовекот Христос, како идеален Човек и идеално место – како Црква.

Митрополит Струмички Наум