Евангелие и поука на ден
 

 

Евангелие и поука за 30/08/2026

Почеток
 
 

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Матеј 21:33-42

33. Чујте друга парабола! Имаше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако го предаде на лозарите, си отиде.
34. И кога наближи времето за берење, тој ги испрати при лозарите своите слуги, за да му ги приберат плодовите.
35. Но лозарите, кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа.
36. Тој испрати сега други слуги, повеќе од првите; но и со нив направија исто.
37. Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: »Ќе се засрамат од сина ми.«
38. Но лозарите, штом го видоа сина му, си рекоа меѓу себе: »Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово.«
39. Па, како го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија.
40. А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?”
41. Му одговорија: „Злочинците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите навреме.”
42. А Исус им рече: „Зар не сте читале во Книгите: »Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: Тоа е од Господа и чудесно е во очите наши.«

Апостол на денот: Прво послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните 16:13-24

13. Бидете бодри, стојте во верата, бидете мажествени, бидете крепки;
14. кај вас сe да станува со љубов.
15. Ве молам уште, браќа: знаете дека домот на Стефанин е почеток во Ахаја и дека се определи да им служи на светиите.
16. Покорувајте им се и вие на такви и на секого, кој што помага и се труди!
17. Се радувам дека дојдоа Стефанин, Фортунат и Ахаик: тие го пополнија вашето отсуство,
18. зашто го успокоија духот мој и ваш. Почитувајте ги таквите!
19. Ве поздравуваат азиските цркви; многу ве поздравуваат Акила и Прискила со својата домашна црква.
20. Ве поздравуваат сите браќа. Поздравете се еден со друг со свет целив!
21. Ве поздравувам јас, Павле, своерачно.
22. А оној што не Го љуби Господа Исуса Христа, нека биде проклет, маран-ата.
23. Благодатта на Господа Исуса Христа нека биде со вас,
24. и љубовта моја со сите вас во Христа Исуса. Амин!

Поука на денот: Свети Нил Синајски

Молитва твори оној кој секогаш својата прва мисла Му ја принесува на Бога.