Патријаршиско послание (12.04.2026 19:33)
ЗА СВЕТА ПАСХА
† В А Р Т О Л О М Е Ј
ПО МИЛОСТ БОЖЈА АРХИЕПИСКОП
НА КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ
И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ
ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА:
БЛАГОДАТ, МИР И МИЛОСТ
ОТКАЈ СЛАВНО ВОСКРЕСНАТИОТ ХРИСТОС
* * *
Сечесни браќа Јерарси и благословени чеда во Господа,
Пристигнувајќи, со пост, молитва и умиление, до светлоносниот и сепразничен ден на Светата Пасха, го воспеваме и го прославуваме светоспасителното Воскресение на Господ и Бог и Спасител наш Исус Христос, кое ја означува величествената победа на животот над смртта, го обновува целото создание и му го отвора на човекот патот на обожувањето според благодат. Црквата Христова го запазува пасхалното искуство во литургискиот живот, во подвизите на Светиите и на Мачениците за верата, во есхатолошкиот стремеж на монаштвото, во проповедањето на Евангелието „до крајот на земјата“, во богословието и славословната уметност, во доброто сведоштво на верните во светот, во културата на љубовта и солидарноста, и во непоколебливата извесност дека злото го нема последниот збор во историјата.
Воскресението Господово се живее како христодарувана слобода, која ги вдахнува, ги храни и ги засилува творечките сили на човекот, и добриот подвиг за „она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава,“[1] потсетувајќи нè сите дека патот кон Воскресението е нераскинливо поврзан со Крстот. Крстовоскресната радост го чуваше народот Божји од поистоветувања со духот на овој свет, а истовремено го заштитуваше од јаловата затвореност и од духовност лишена од динамизам и од здивот на надежта. Животот на верните, во распнатиот и воскреснатиот Христос заради нас луѓето, и денес ги побива сите туѓи прикази за христијанскиот етос како „морал на слабите“, наводно олицетворен во смиреномудрието, во простувањето, во жртвената љубов, во подвижништвото, во Господовото „Јас, пак, ви велам: не противете се на лукавиот“[2] и во другите начела и ставови коишто припаѓаат на самото јадро на нашиот идентитет. Ништо не е подалеку од вистината од ваквото толкување на етосот на Христијанството – на жртвената љубов која „не го бара своето“, љубов проткаена со великодушност, храброст и егзистенцијална автентичност. Пасхата е химна на оваа слобода, на верата „која дејствува преку љубовта,“[3] која не е наш сопствен подвиг, туку благодат и дар одозгора, и се живее во Светите Тајни на Црквата и во „тајната“ на служењето на ближниот. Навистина, „љубовта кон Бога воопшто не поднесува омраза кон човекот.“[4]
Црквата Христова, „солта на земјата“, „светлината на светот“, градот „поставен на гора“, светилникот поставен „на свеќник“[5] – дејствено сведочи во светот, пред знаците на времињата, за дојдената благодат и „за надежта во нас.“[6] Словото за Крстот и за Воскресението денес одекнува како Евангелие на мирот, на помирувањето и на справедливоста. Војната, омразата и неправдата се спротивставуваат на основните христијански начела, за остварувањето и утврдувањето на кои секојдневно се моли и работи народот Божји. Во светлината на Воскресението, Го молиме Господа за жртвите на военото насилие, за сираците, за мајките кои ги оплакуваат своите деца, и за сите оние кои на телото и на душата ги носат последиците од човечката суровост и бесчувствителност. „Христос Воскресе“ е одрекување и осуда на насилството и стравот, и покана за мирен живот. Војната раѓа плач и смрт; Воскресението ја победува смртта и дарува нетление.
Пред секојдневните слики на варварството на војната, Црквата со висок глас ја прогласува светоста на човечката личност – на секој конкретен човек каде и да е на земјата – и должноста на безусловното почитување на нејзиното достоинство; и нè повикува „да го познаеме своето достоинство, да го почитуваме Првообразот, да ја признаеме силата на тајната и да разбереме заради кого умре Христос.“[7] Воскресението Господово е обновување на човекот во неговото предвечно призвание. Како „почеток на друг вечен живот“, ги исцелува отуѓувачките односи и го воспоставува мирот „кој го надминува секој ум“[8] – мир кој го опфаќа и земното помирување и умиротворување.
Боговдахновено, Светиот и Велик Собор на Православната Црква – десетгодишнината од чие свикување ја чествуваме годинава – ја подвлече должноста на Црквата „да го поддржува она што служи за мир и взаемно надградување“ (Римјаните 14, 19) и го отвора патот кон правдата, братството, вистинската слобода и заемната љубов помеѓу сите чеда на единствениот небесен Отец, како и помеѓу сите народи кои го сочинуваат единственото човечко семејство.“[9]
Светата Пасха е целата наша духовна цивилизација, самото јадро на нашето благочестие. Воскресението Господово е и наше сопствено Воскресение во сегашниов век, а истовремено и претслика и предвкус на „општото воскресение на луѓето“ и на обновата на целото создание. Осветлени од пресјајната светлина на ликот на Воскреснатиот Христос, и прославувајќи Го во псалми и химни и духовни песни Неговото пресвето Име – на Кнезот на мирот, на Оној Кој е со нас „секој ден до крајот на векот“[10] – Ви посакуваме „Добро Воскресение“, целиот пасхален период исполнет со божествени дарови и сите дни на вашиот живот, возгласувајќи го светорадосното: Христос Воскресна! Навистина Воскресна Господ!
Фанар, Света Пасха 2026
† Константинополскиот
усрден молител кон воскреснатиот Христос
за сите вас
___________________
[1] Филип. 4, 8.
[2] Матеј 5, 39.
[3] Гал. 5, 6.
[4] Свети Максим Исповедник, Глави за љубовта, I.15. PG 90, 964.
[5] Матеј 5, 13-15.
[6] 1 Петр. 3, 15.
[7] Свети Григориј Богослов, Слово 1, За Светата Пасха и за доцнењето, PG 35, 397.
[8] Филип. 4, 7.
[9] Мисијата на Православната Црква во современиот свет, В, §5.
[10] Матеј 28, 20.