Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велигденско послание (18.04.2006)


+
СТЕФАН 

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО

И ДО СИТЕ ЧЕДА НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,

КАКО И ДО СИТЕ ПРАВО­СЛАВНИ ХРИСТИЈАНИ,

А ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА,

ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО ВЕЛИЧЕСТВЕНИОТ И ТОРЖЕСТВЕН ПОЗДРАВ  
 

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ! 

 

Откако го видовме Христовото воскресние,

да Му се поклониме на светиот Господ Исус,

Единствениот безгрешен.

 

             Возљубени велигденци,

            Да пееме и да се радуваме, славејќи Го Христа - Воскреснатиот Господ. Да го воспеваме Неговото воскресение, зашто Он, откако претрпе страданија, со смртта смртта ја победи. А и ние сме победници заедно со Воскреснатиот. Преку Христа ни е дарувана најголемата победа победата над смртта!

            Во ова воскресенско торжество, да се потсетиме на предвечната Божја Промисла за нашето спасение. Воплотениот Син Божји дојде меѓу нас, за да нѐ упати на спасоносниот пат, беше распнат и воскресна. Воскреснатиот Спасител е единствениот пат, вистина и живот! Затоа, Го следиме ли Христа, тогаш сме на вистинскиот пат, што ослободува и води кон богоугоден и спасоносен живот.

Но, да не заборавиме дека Христовиот пат е пат на Крстот, пат на распнувањето! А и нашиот живот е распнување, за да се оттргнеме од она што влече кон земното и временото, зашто вистински вредно е само небесното и вечното. Затоа, најнапред, да го бараме Царството Божјо, а сѐ друго ќе ни се придаде!

 

            Возљубени празникољупци,

            На овој Големден, човештвото ја слушна најрадосната вест - Христос воскресна! Со тоа чудо над чудата ни се отворија небесните врати за да преминеме кон Бога, да бидеме таму каде што Он подготви место за оние коишто веруваат и се надеваат на Него. Со раширените раце на крстот, Он нѐ собра во Својата прегратка и нѐ поведе таму каде што му вети и на разбојникот. Тоа е преминот - тоа е нашата Пасха! Воскресението Христово е мост од временото кон вечното, преод од смрт кон живот. Затоа Спасителот рече: „Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас” (Јован 14,  2 - 3).

            Господ Исус Христос затоа и дојде: да ни ја дарува небесната слава и вечниот живот. Он е „воскресение и живот”, кој верува во Него „и ако умре, ќе живее” (Јован 11, 25). Нашиот „Бог не е Бог на мртвите, туку Бог на живите” (Матеј 22, 32).

 

            Возљубени чеда во Господа,

            Воскреснатиот Христос ја востанови Eдната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Нашата, пак, Македонска Православна Црква е дел од неа, од целоста на Христовата Црква. Бог не ги остава оние што веруваат и се надеваат на Него. Не постои сила на светот што може да Му се спротивстави на Оној Кој го создал светот. Со Божја помош, и по молитвите на светиот апостол Павле и на свети Климент Охридски, се возобнови Охридската Архиепископија во лицето на нашата Македонска Православна Црква. И еве, веќе четири децении таа го живее својот воскресенски живот, грижејќи се како вистинска мајка за нашиот народ, и овде - во Татковинава, а и насекаде по светот. Таа наша света Македонска Православна Црква - нашата Охридска Архиепископија - и покрај сите пречки, продолжува да сведочи за тоа кои сме и што сме!

           

Возљубени,

            Без разлика дали живееме овде, или, пак, нашите прадедовски корења се од прекрасното парче земја на Балканот, кое ни го подарил Господ и го нарекол Македонија, треба да го сакаме и да го чуваме! За жал, некои и денес сакаат да ни го приграбат она што е наше. Но, не ќе можат! Ние сме народ со минато, сегашност и иднина; кој длабоко во себе ги носи верата и традициите од своите предци, народ со долга историја и вековно опстојување.

            Сведоци сме дека Вистината ослободува, дека Бог не остава никого од оние кои одат по Христовиот пат, туку ги крепи и води. Колку и да се обидуваат силните на светот да нѐ скршат, да нѐ одродат и однародат - Бог тоа не го дозволува, туку нѐ држи, нѐ води и утешува и не нѐ заборава. Потврда за тоа ни е секојдневниот раст на нашата света Црква, како и враќањето на нашиот народ кон верата и живеењето според неа.

 

            Возљубени христољупци,

            И во ова време, повторно нѐ продаваат, предаваат и распнуваат, но ние воскреснуваме! Колку повеќе нѐ навредуваат и негираат, толку поцврсти стануваме. А силата, за да истраеме до крај, ја добиваме само преку благодатта на воскресението. Бог ни помага! Еве, по Божјата милост, напредуваме и со нови архиереи и со бројни дејности и активности во севкупниот живот на нашата света Црква.

            Велигденските празнувања нека ни бидат за наша духовна поткрепа, за наше духовно обновување. Ова ни е потребно за да ја зголемиме нашата љубов кон Бога и кон ближните; да го продлабочиме меѓусебното разбирање и да ја зацврстиме трпеливоста. Тоа, пак, ќе нѐ води до поголемо единство, кое ни е многу потребно, особено сега, особено во нашево време.

Велигденски е во секого да гледаме свој ближен, зашто секој човек е наш брат и наша сестра. Воскреснатиот Господ Исус Христос ни заповеда да го љубиме својот ближен, бидејќи сите сме браќа и сестри во Бога, нашиот Отец Небесен. Ако се сакаме, ако имаме меѓусебно разбирање и слога, ние сме исполнители на Словото Божјо, исполнители на Светото Евангелие.

Затоа, во овие мигови на велигденска духовна радост, ја упатуваме Христовата порака: „Возљуби го својот ближен како себеси!” (Матеј 22, 39). Љубовта е духовната сила на секој побожен народ. Таа е и наша сила, сила на македонскиот народ - и овде, и насекаде каде што нѐ има; таа е сила која ни помага да ги надминеме сите недоразбирања; таа е сила на соединувањето и гаранција за нашето напредување во сѐ!

 

 

            Благочестиви чеда на нашата света Црква,

            Во духот на вековното македонско празнување, и годинава ги одбележуваме годишнините од животот на Црквата: 1700 години од мачеништвото на свети Димитриј Солунски (+ 306) и 210 години од мачеништвото на света Злата Мегленска (+ 1796). Потоа, 130 години од Разловечкото востание (1876 г.) и 60 години од Свештеничката конференција во Скопје (1946 г.), како и годишнините од блажено­упокојувањата на поглаварите на возобновената Охридска Архиепископија - Македонската Православна Црква: 25 години од упокојувањето на архиепископот Доситеј, 20 години од упокојувањето на архиепископот Ангелариј и 10 години од упокојувањето на архиепископот Гаврил. Тие, заедно со светиите и праведниците, се во радоста на Господа.

Да Го прославиме Христа Воскреснатиот и сите, исполнети со воскресенска радост, да се поздравиме, гласно воскликнувајќи -

 

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

 

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

+ С Т Е Ф А Н

 

ЧЛЕНОВИ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД:

+  К И Р И Л, Митрополит Полошко-кумановски

+ Г О Р А З Д, Митрополит Европски

+  П Е Т А Р, Митрополит Преспанско-пелагониски и

  администратор Австралиско-новозеландски

+ Т И М О Т Е Ј, Митрополит Дебарско-кичевски и

  администратор Повардарски

+ Н А У М, Митрополит Струмички

+ А Г А Т А Н Г Е Л, Митрополит Брегалнички

+ М Е Т О Д И Ј, администратор на Американско-канадската епархија

+ П И М Е Н, администратор на Европската епархија

+ К Л И М Е Н Т, Епископ Хераклејски

 

На Воскресение Христово - Велигден,

2006 Лето Господово