Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Воскресение Христово (24.04.2006)

Великиот христијански празник, светлото Христово Воскресение, во Дебарско-кичевската епархија беше прославен на торжествен начин во повеќето храмови на Македонската Православна Црква, со богослужење на Воскресната Утрена и на Златоустовата Божествена Литургија.

 Во Охрид оваа година немавме архиерејско богослужење на Велигден, бидејќи Владиката Тимотеј Христовото Воскресение го отпразнува во црквата на Св. великомаченик Пантелејмон во градот Велес (во Повардарската епархија), во присуство на мноштво тамошни свештенослужители и десетици илјади верници. А сите свештенослужители од Охридското архиерејско намесништво Христовото Воскресение го дочекаа со полноќни богослужења во своите парохиски храмови. Така, со Пасхална Утрена и со Златоустова Литургија Христовото Воскресение беше празнувано во манастирот на Свети Климент Охридски и на Светиот великомаченик Пантелејмон на Плаошник, во манастирот на Свети Наум Охридски, во црквата на Пресвета Богородица - Перивлепта, во црквата на Пресвета Богородица - Каменско, во црквата на Светиот великомаченик Георгиј, во црквата на Пресвета Троица, во црквата на Светите бесребреници Козма и Дамјан... во присуство на десетици илјади верен народ, од кои мнозина на крајот од Божествената Литургија се причестија со светите Христови Тајни.

Во Струга богослужењето беше најсвечено, со најбројно учество на клирот и на насобрани верни, во црквата на Светиот великомаченик Георгиј.

Во Кичево Христовото Воскресение беше радосно прославено во црквата на Светите апостоли Петар и Павле, во присуство на десетици илјади христијани.

На ист начин Велигден беше прославен и во Дебарското и во Бродското архиерејско намесништво.

Утредента во градот Охрид, во црквата на Пресвета Богородица – Каменско, на втор престол беше отслужена Златоустовата Велигденска Литургија, на која се собраа голем број верници кои заради телесна изнемоштеност или од старост и слични причини не беа во состојба да го понесат напорот на сеноќното бдение.

Попладнето на 23. 04. во 17.00 часот Владиката Тимотеј, во сослужение на свештенослужители од Охридското архиерејско намесништво, во катедралната црква Света Софија отслужи Вечерна богослужба. Особеност на Вечерната тој ден е што Евангелието предвидено за неа се чита соборно, на повеќе јазици.

Овојпат Евангелието според Јован (20, 19 - 25) беше прочитано на црковнословенски, на грчки, на латински, на македонски, руски, француски, англиски и на албански јазик.

Катедралната црква Света Софија и оваа година, како и низа претходни, беше преполна со верници, кои вечерта во овој прв ден од Велигден традиционално се собираат таму.

Пред крајот на Вечерната, при пеењето на пасхалните стихири, Владиката Тимотеј и свештенослужителите, носејќи го Евангелието, со свеќници, со крстови и икони во рацете, излегоа надвор од храмот, каде што ги положија за целивање. Сите верници пристапуваа да примат велигденски благослов од Владиката, кој со торжествениот поздрав ’Христос воскресна’ им делеше на притекнатите секому црвено велигденско јајце, како симбол на Христовото  Воскресение. Со страв и со љубов поклонувајќи се на Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос народот го целиваше Неговото Евангелие и Крстот на којшто претрпе распетие за искупување на целото човештво.

 

известува: о. Игор Никовски