Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Се зголемува лесновската света обител (25.10.2006)

“Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене” (Марко 8, 34).

Бројот на “земните ангели” се зголемува. Расте бројот на избраните Христови војници. Расте братството на манастирот на свети Гаврил Лесновски во Лесново.

“Монахот е човек кој го напушта светот и вревата, се повлекува во манастир и живее во постојана заедница со Бога, предавајќи се на пост и молитва, исполнувајќи ги Божјите заповеди и молејќи се и плачејќи за целиот свет. Со својот монашки богоугоден живот, тој постанува скала преку која многу луѓе се искачуваат кон небото”, дел од беседата на Митрополит Брегалнички Иларион.

На вечерната богослужба на празникот на Покровот на Пресвета Богородица, 13.10.2006 г., Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во Лесновскиот манастир во присуство на многуброен народ ги потстрижа во мала схима расофорните монаси од Лесновската света обител, отец Исак и отец Атанасиј.

 

 

      

 

 

 

Отец Исак е роден на 03.01.1979 година во Скопје. Во манастирот е од 25.04.2003 година, а на 03.06.2004 година е потстрижен за расофорен монах.

Отец Атанасиј е роден на 29.03.1983 година во Гевгелија. Во манастирот е дојден на 10.12.2003 година, а за расофорен монах е потстрижен на празникот на Преподобен Наум Охридски Чудотворец, на 05.01.2005 година.

Во својата беседа Митрополитот Иларион, покрај другото, вака им се обрати на новопотстрижените монаси: “Во својата монашка облека украсувајте се себеси со богоугодни монашки добродетели, во слава Божја! Таа бара од нас живот сообразен на монашкиот чин, таа нѐ учи на потполно сиромаштво, на воздржување во сѐ, на смирение; нѐ поттикнува и на тагување, плач и каење за нашите гревови. Облеката нѐ учи на чување на девствената чистота, на послушност, незлобливост и на поднесување на сите маки и неволји, кои Бог ни ги испраќа за спасение. Облеката нѐ поттикнува на непрестајно повикување на името на Господ Исус Христос, за никогаш да не заборавиме на Бога и да не се оддалечиме од Него и од богоугодните дела.

Бидете светлина на светот, радост на Бога и на луѓето, добри работници на Светиклиментовата нива Господова. Со вашот богоугоден монашки живот, бидете им на радосните радост, на тажните утеха и поткрепа во Господа, и на многуте боготрагатели посведочете им за Вистината Христова.

....Му благодариме на нашиот свет старец, епископот Гаврил Велички светогорец, за неговите многу солзи, монашки и светоотечки, и во овој манастир да воскресне монашко братство, преку кое ќе се слави името Господово. Оче Гавриле, ти благодариме за твојата закрила и заштита, ти благодариме што нѐ раководиш и нѐ водиш по патот кон монашкото совршенство, биди секогаш со нас, укрепувај нѐ, утврдувај и поучувај нѐ, за да можеме да продолжиме да живееме заедно со тебе во вечноста”.

На Светата Литрургија утредента, отец Атанасиј беше ракоположен за ипоѓакон, а отец Исак за јероѓакон.

Исто така братството беше зголемено и со уште еден брат. Имено, Митрополитот Брегалнички г. Иларион го потстрижа во расофорен чин - првиот чин во монаштвото, искушеникот Роберт, со монашко име Паисиј, кој пред него беше приведен од духовникот на Лесновското братство, јеромонахот Дамаскин.

На светата архиерејска литургија на празникот на свети апостол Јаков Алфеев, 22.10.2006, јероѓаконот Исак беше ракоположен за јеромонах, а ипоѓаконот Атанасиј за јероѓакон.
Господ нека ги вразуми и укрепи во овој подвиг и нека им помогне достојно да го носат благиот јарем Христов!

 

 

      

 

 

 

      

 

 

 

 

 

 

известува: ѓакон Саше Ристов