Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во црквата на свети Николај во Тетово (25.12.2006)

Црквата на свети Николај Чудотворец е најстара црква во Тетово. Изградена е во 1842, а е осветена во 1848 година.

На светата Литургија на празникот на свети Никола чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил со повеќе свештенослужители од тетовското намесништво.

 

Пред почетокот на Литургијата беше срдечно дочекан од многубројниот богољубив народ, а во името на народот Митрополитот Кирил беше поздравен од старешината на храмот, протоереј ставрофор Ратко Милановски со прекрасни зборови:          

Ваше Високопреосвештенство, браќа и сестри во овој свет храм, храмот на свети Николај, Господ нè удостои сите нас заедно да се најдеме тука и да искористиме прилика да го поздравиме нашиот архиереј, г. Кирил. Најпрво му благодариме што нè удостои да биде денеска тука со нас. Да му благодариме за несебичното спонзорство, преку кое е украсена црквата со овие прекрасни килими и користиме прилика во ваше име да му ја честитаме неговата слава, крстеното име, бидејќи во нивното семејство се слави свети Николај и затоа сакале да имаат во своето семејство дете со името на својот Светител-заштитник. Господ Бог го удостои, еве четириесет години да нè напојува со евангелски, спасоносни зборови. Господ Бог, заедно со свети Николај нека сите нас нè благослови, нека нè умудри, нека нè покрие со Својот омофор и нека нè упатува кон Вистината.

Во нареднава година е јубилејот: четириесет години на Афтокефалноста на Македонската Православна Црква.

            Долгоденствувајте Ваше Високопреосвештенство и уште долги, долги години да нè напојувате со евангелска вистина и архиерејски богослужби. Амин!

            По убавите зборови од старешината, се обрати нашиот Архипастир, познат меѓу богољубивиот народ како дедо Кирил: „Светото Евангелие кое претставува пат, живот и вистина, ни порачува: што дава десницата да не знае левицата. Но, бидејќи старешината спомна, јас најнапред сакам да Му се заблагодарам на Бога, што имајќи ја Неговата преголема милост сме закрилувани под светото застапништво на свети Николај Чудотворец, чиј празничен ден денес го чествуваме, во чија слава и чест е посветен  овој најстар храм, кој претставува и своевидна прекрасна галерија. Со самиот иконостас и фрескоживописот, ние навистина немаме ваква репрезентативна црква, што во своите прегратки содржи вакви големи и уметнички свети дела.

 

 

На оваа Света Литургија ќе можеме да се помолиме за добро здравје и долгоденствие на сите вас, за добро здравје на вашите фамилии, да се помолиме Господ да нè умудрува преку молитвите на свети Николај и нашата духовна Мајка, Пресвета Богородица. Уште повеќе да ја манифестираме љубовта едни кон други, бидејќи сме чеда  Божји; љубовта евангелска неисцрпна кон родната и мила татковина; љубовта кон нашиот народ, љубов и почит кон власта затоа што сечија власт е дадена од Бога; љубов на сопружинците едни кон други, бидејќи семејствата се темелници за просперитетна држава; љубов кон вашата челад, со цел да се изградувате во духот на нашето свето Православие; љубов и почит со сите што се среќаваме во секојдневието: со соседи и на работните места. Тоа е одразот, всушност како треба ние да се почитуваме. 

 

             Направивме еден мал гест, зашто следејќи ја вашата активност, активноста на вашите парохиски свештеници со децении, еве догодина како Архипастир ќе правам четириесет години како архипастирствувам. 

            В година ќе се прославува и обновата на древната и славна Охридска Архиепископија, во 1967 година олицетворена во денешната наша Афтокефална Светоклиментова Македонска Православна Црква.    

            Драго ми е што со свој соодветен начин помогнавме преку Епархијата да биде уште посредено, уште поубаво и почисто во овој свет храм. Ви се заблагодарувам за вниманието искажано преку вашиот свештеник, преку неговата уста, а од името на сите вас, почитта, милоста со која ме опсипувате како надлежен Епархиски Архиереј. До 1964 година го носев световното име на свети Николај, а кога се замонашив го зедов името Кирил. Остана аманет од моите покојни родители, таткото Бојан и мајката Милица, да се празнува овој ден. Ние сме многубројна фамилија: шест браќа и две сестри и нè има тука и во Америка, и насекаде го почитуваме овој семеен празничен ден.

            Со најголем пиетет денес чедата на светата Христова Православна Црква, со најголема молитвена почит се поклонуваме пред ангелскиот светителски лик и огромното архипастирско дело на Свети Никола. Во текот на годината, два пати се одбележува огромното епохално дело на свети Николај Чудотворец. На денешен ден и на 22 мај, кога се празнува пренесувањето на неговите мошти од Мала Азија во градот Бари. Денес неговите мошти почиваат во новоизградена катедрална црква во Бари. Прочитавте преку електронските медиуми, дека пред неполн месец, поглаварот г.г Стефан, во сослужение со владиците  г. Иларион и г. Климент и со повеќе свештеници, отслужија и се поклонија пред неговите свети мошти од кои тече свето миро.

            Неговиот живот е многу богат, многу содржаен. Вториот празничен ден од неговото овоземно живеење е по повод претставувањето пред Бога. Живеел пред крајот на третиот и почетокот на четвртиот век. Зел учество на првиот Вселенски Собор во 325 година во Никеја, кога се поставија темелите на нашата вера. Донесен е символот на верата, кој зборува како ние христијаните треба да веруваме. На соборот имал жесток судир со тогашните еретици, посебно со Ариј па дури имал и физичка пресметка со него, бидејќи тој бил неумерен во напаѓањето на убавината и чистотата на верата. Па поради тие причини, свети Никола бил отстранет од неговиот архиерејски трон. Но, по донесувањето на Миланскиот едикт во 313 година од царот Констатин Велики, ситуацијата се смирила и неговиот живот почнал малку побезбедно и поспокојно да се одвива. Инаку е син единец на своите богати и видни родители, кои го воспитувале во духот на христијанството. Голем пастир е, бидејќи пастирствувал како свештено лице, а потоа  му се јавува ангелот и го повикува да оди во своето родно место, каде што бил избран за Архиепископ на градот Мира Ликијска во Мала Азија.     

            При доделувањето на чинот, тој си дал завет пред себе: „Николај, ти не треба да живееш за себе, но треба да живееш за другите, односно за својот народ.“ Во сите тешки искушенија во коишто запаѓал, заедно со своите верници, бил неуморлив борец, ослободувал од затвори невино осудени за верата - бил голем дарител. Севкупното богатство што го наследил од своите родители го разделил на сиромаси, вдовици, на стари изнемоштени луѓе и на сирачиња.

            Светиот Николај претставува правило на нашата вера и образ на христијанската кротост. Уште за време на неговиот овоземен живот бил прочуен и почитуван за светител. Зашто се случувале голем број чуда, безброј луѓе нашле милост преку неговата молитвена застапеност. Особено свети Николај е прочуен како заштитник за морепловците и на сите други патници. Сè уште таа традиција е запазена! Навечер, во чест на свети Николај бродовите застануваат на просторот од океанските широчини за народот да се повика да му оддадат благодарност. Во многу безнадежни случаи, кога бродовите биле во опасност, луѓето го повикувале светиот Николај да им помогне.

            Свети Николај не е почитуван само од христијаните, туку и од иноверните. И муслиманите се поклонуваат пред неговата чудотворна моќ и, се разбира, особено сите кои имаат можност да се поклонат пред неговите целебни мошти. Да се трудиме како христијани да го следиме примерот на свети Николај Чудотворец, та и ние да дадеме вистински отчет дека животот сме го поминале онака како што личи. Нека ни биде честит патрониот празничен ден на ова наше прекрасно светилиште. Со гордост да го носите името на свети Николај - оние што се викаат Никола или Николина. Да даде Господ со радост да зачекориме во новото лето Господово. Со радост да ги дочекаме коледните, Божиќните, новогодишните и Богојавленските празници. Да се собереме заедно со целата небесна ерархија, да го славиме троичниот Бог и да пееме: Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја! Амин!

По отслужената Божествена Литургија, најпрво, од страна на професорот отец Синиша Ристовски, заедно со неговото Високопреосвештенство, беше промовиран и осветен календарот на Полошко-кумановската епархија. Тој календар ќе служи за двојна намена. Едната за празниците во текот на годината, а втората како семејна икона. Веднаш потоа, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Полошко-кумановски Кирил ги пресече кумските колачи. Потоа следеше трпеза на љубовта.