Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Голем Богојавлененски Водосвет на Охридското Езеро и реката Дрим (21.01.2007)

Свеченото прославување на големиот Господов празник Богојавление, во Дебарско-кичевската епархија се одбележа со Света Архиерејска Литургија во црквата на Пресвета Богородица – Каменско во Охрид. На Светата Литургија чиноначалствуваше Владиката Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение со свештенослужители од Охридското архиерејско намесништво.

По Светата Литургија, Владиката г. Тимотеј заедно со свештенослужителите и бројните верници со литија се упатија преку охридската чаршија до градското пристаниште, каде што секоја година Владиката го извршува чинот осветување на охридските езерски води.

 

 

                   

 

 

На литијата се придружија и две градски литии, кои доаѓаа од црквите на свети великомаченик Георгиј и на свети Никола – Геракомија, и сите заедно пристигнаа на градското пристаниште, каде што Владиката и свештенослужителите на брод го извршуваат чинот – Голем Богојавленски Водосвет.

По завршувањето на Големиот Богојавленски Водосвет, Владиката г. Тимотеј, со пеење на богојавленскиот тропар, во водите на Охридското Езеро го спушти крстот, преку кого Охридските води го примаат осветувањето. За таа цел голем број верници оваа година учествуваа во влегувањето во Охридското Езеро за да го пронајдат светиот крст. Наоѓачот на светиот крст од страна на Епархијата беше даруван со златно ланче со крст.

 

 

                    

 

Веднаш потоа Владиката замина за Струга, каде што крај реката Дрим беа собрани голем број стружани. И тука Владиката изврши Голем Богојавленски Водосвет и во водите на Дрим го спушти светиот крст.

На присутниот верен народ, кој беше дојден во голем број, Владиката му се обрати со празнично слово, во кое рече: „...Драги христијани, Христос ќе ви ги отвори сите патишта што водат кон целта на вашето битие, кон враќањето на патот на правдата и блаженството, кон соединување со Небесниот Отец. Така, оставајќи ги настрана сите недоумици, секој страв и секаква гордост, примете Го со сето срце, со сето ваше битие Христос, Кој беше испратен кај нас....

Меѓутоа, вистинскиот знак за послушноста кон Него се состои во животот по Неговите свети заповеди. На тој начин ние можеме да Му заблагодариме за љубовта на Отецот, Кој Го испраќа Својот возљубен Син за наше спасение. Така ќе се удостоиме да ја примиме благодатта на Светиот Дух, Кој сега слегува врз нашиот Посредник, па преку Него да се излее со Своите дарови врз сите нас. Бог се јави! Амин!“

известува: свештеник Игор Никовски