Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Слово на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан (11.06.2007)

ПРИЗНАНИЕ ЗА СИТЕ И ЗА СÈ

 

  

Во годината во која одбележуваме 40 години од возобновената автокефалност на Охридската архиепископија како темел на Македонска православна црква, еве, примајќи го Орденот на Република Македонија - највисокото државно одликување, доживуваме несекојдневна и ретка радост.

   Ова признание го примаме и разбираме како скапоцен прилог во одбележувањето на годишнината, но и како признание за местото и дејноста на нашата Света Црква и, воопшто, за нејзината улога во животот на македонскиот православен народ низ вековите и денес.

   - Ако некој народ има причини да ѝ биде благодарен на својата Црква за својот развиток и опстојување, македонскиот народ има многу причини за тоа. - Нашата национална е и црковна, и црковната - национална историја!

   Преку Црквата сме се осознале и растеле како народ; таа, како вистинска мајка, нѐ водела кон добро и нѐ насочувала кон подобро; во несреќите тешела и во опасностите и неизвесностите бдеела над својот народ. Нѐ образувала и како благочестиви христијани и како осознаен народ, постојано оснажувајќи нѐ со своите благодатни дарови и со своето Слово.

   Црквата, која ја има оваа историска привилегија да го прими ова одличје, е родена врз проповедта на светиот апостол Павле и врз богољубието на мудриот цар Јустинијан, растена преку делото на светите Кирил и Методиј, утврдена преку неуморното пастирување на свети Климента и подвизанието на свети Наума, чувана преку грижата на многубројните од Бога избрани духовници и свештенослужители од нашиот род. - Тоа е Црквата, на која, по Божја милост - вековите ѝ го мерат опстојувањето и вечноста ѝ е огледало! Токму на неа, од раката на Неговата Екселенција господинот Претседател на Република Македонија - ѝ се даде највисокото одликување на Татковината!

   - Возљубени, можеме ли да ги замислиме јаремот на долгите ропства и туѓински владеења без надежта, вербата и утехата што на својот народ може да му го даде само мајката Црква?! А нам, во времињата кога немавме држава, таа наша Црква ни беше и Црква и држава, ни беше сѐ! Со векови храмовите и манастирите ни беа источници и сејачи на писменоста и книжнината, на просветата и културата, ни беа и училишта и лечилишта, ни беа и ни останаа и дом и покров за сиот наш народ.

   Оваа наша славна охридска Света Софиј», оваа наша тврдина за тагување и радување, е жив сведок на многу несреќни и трагични, но и радосни мигови. Овој храм на охридските архиепископи во себе напластил многу народни премрежија и е вистински хроничар за многу неправди што ни ги задале - и истоверни и друговерни. Како никаде на друго место, овде се видливи нашите македонски народни и духовни лузни! Овој храм на Божјата Премудрост, е израснат врз подвизите и благословот на многубројни светии и црнорисци, потпрен врз неовенливите спомени за Самоила и за доблесните чувари на Охридскиот трон, и за сите коишто достојно Му служеле на Бога и во овој град, и по сета македонска земја.

   Денешново примено одликување го разбираме и како признание на сите коишто на свој начин се вградиле во најцврстата небоземна и богодарувана градба во душата на сите македонски генерации. Овој Орден им припаѓа на сите коишто живееја со сите славни и тешки денови на Црквата во Македонија. Ова одличје им припаѓа на сите коишто преку подвигот и служењето во Црквата, од Македонија направија да биде земја небесна и небо на земјата. Овој Орден им припаѓа на сите коишто поднесоа или беа жртви заради верата и Црквата наша, на оние кои глава дадоа, а вера не менија, и на оние кои таа Црква за мајчина клетва и за татков аманет ја имаа. Овој Орден му припаѓа и на Арсениј Архиепископот, принудениот и непомирлив троногубец, им припаѓа на сите што тагуваа по славната Охридска архиепископија, на сите што се обидуваа да ја обноват, на оние што пееја и се молеа за таа своја Црква, на оние што неправдата од Стамбол ја разгласија до Петроград и потаму, на оние кои по поразите во востанијата и буните остануваа простум, на оние кои за ништо не ја менуваа слободата на Татковината и Црквата, на оние коишто беа принудени на поделби и преселби и на сите на коишто понудените слободи за туѓи интереси им беа рамни на нови ропства. Овој Орден им приличи и на Прличев и на Партениј, и на Теодосиј и Натанаил, и на Мисирков и на сите истомисленици, како и на собраните во Издеглавје уште во 1943, на соборјаните во Скопје во 1945 и 1946, на оние коишто во овој свет град ги биеја камбаните на Соборот во 1958-та, и, конечно, на оние коишто по милоста Божја и по молитвите на светите Климент и Наум, во 1967 година, ѝ ја вратија целосната слава на древната Охридска архиепископија.

Затоа овој Орден, пред сѐ и над сѐ, го разбираме како признание и на блаженоупокоениот Доситеј и на сите учесници на Соборот пред 40 години, коишто едногласно и еднодушно ја прифатија Синодската одлука за целосно возобновување на Охридската архиепископија како Македонска православна црква. Таа наша Света Црква, по токму две столетија, како вистинска мајка се погрижи за своите чеда, и во Татковината и ширум по светот: во Австралија, САД, Канада, Европа... Отвори Богословија и Богословски факултет, се обнови монаштвото, се градат нови и се обновуваат стари цркви и манастири. И само таа наша Црква, со Божја помош, води грижа за Црквата во душите на својот народ!

Одликувањево е орден кој како своја заслуга и радост треба да го доживееме сите заедно - со сите чеда на Македонската право­славна црква. Тој ѝ се дава на институцијата Македонска православна црква, но во суштина одликувањето им припаѓа на сите нејзини членови, бидејќи таа не е просто институција, туку жив организам - Тело Христово, кое го сочинуваат сите припадници на Црквата.

- Ете, на таа и таква Црква денес ѝ се доделува Орденот на Република Македонија - највисокото државно одликување.  Затоа, дозволете ми да заблагодарам од името на сите кои во овие скоро дваесет столетија се вградија во Црквата Павлова и Јустинијанова, Климентова и Доситеева, во Црквата Охридска и Македонска - во Црквата Божја во Македонија! Од името на сите нив ќе речам: „Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај Му слава, заради Твојата милост и заради Твојата вистина“ (Псал. 113, 9), зашто наше е да ја извршуваме волјата Твоја (сп: Евр. 10, 7). Амин!