Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Чикаго (20.06.2007)

На 17 јуни 2007 година, на третата недела по Педесетница, на денот кога Православната Црква го празнува свети Митрофан Цариградски, Митрополитот Американско-канадски г. Методиј отслужи Архиерејска Божествена Литургија во црквата на света Параскева во Чикаго, Илиноис.

 

      

Беседа на Владиката Методиј изговорена на Божествената Литургија:
Возљубени браќа и сестри, навистина како што сведочи нашиот Спасител, нема поскапоцено од човекот, зaшто и Бог, љубејќи го толку многу, Го предаде Својот Единороден Син за негово спасение. Ако е тогаш тоа така, ако навистина голема е цената со којашто е искупено нашето спасение, тогаш треба во сѐ и постојано да му бидеме послушни на Бога. Зaшто сето тоа што Бог ни го кажува и го гледаме пред нас, и цвеќињата и птиците и сета природа којашто нѐ опкружува, сето тоа живее според промислата Божја и секоја душа ѝ се приклонува на волјата Божја. Тогаш и ние, уште повеќе, возљубени, со сето свое срце, со сета своја волја треба да ѝ се приклониме на волјата Божја зaшто нема поблажено од тоа човек да се предава на промислата на живиот Бог. Тогаш нашата грижа ќе биде грижата за нашето спасение, грижата за тоа дали во сѐ и на секој начин Mу угодуваме на Бога. Дали во сѐ и на секој начин го исполнуваме словото и законот Божји зaшто за сето друго Бог се грижи. Наше е пак, постојано да проникнуваме во Неговите науки, во Неговите слова и поуки, читајќи го Светото писмо, проникнувајќи во Светото Евангелие сѐ до оној момент кога нашето срце навистина ќе се зарадува заради таа радосна вест - веста за нашето спасение. Таа започнува со Христовото воплотување, таа продолжува во царството небесно во сите векови. Таа радост е радоста дека Бог навистина се погрижи за човекот, а нашата грижа за себе и за нашите блиски треба да се состои токму во тоа, во сѐ да се сообразиме со таа грижа. Да се грижиме за тоа што чувствува нашиот брат, кои се неговите таги, кои се неговите потреби, која е неговата радост, зaшто на тој начин постапуваа и светите Апостоли. Кога Бог им зборуваше на луѓето тогаш Апостолите дојдоа при Него и Mу рекоа: Спасителе, овие луѓе се цел ден тука, гладни се, отпушти ги да си земат нешто за јадење, а Тој тогаш им рече, дајте им вие да јадат. И навистина, во овие едноставни зборови, Бог ја искажа сета премудрост на нашата грижа за ближниот. Не очекувајте некој друг да го стори тоа. Вие погрижете се едни за други, а Бог пак, по тој образ ќе се грижи за сите нас. Грижата не се состои само во нашето сочувство, се состои во нашето постојано делување, работење и живеење во служба на нашите ближни. Зaшто ако им служиме на ближните, Mу служиме и на Бога. Ако си служиме себе си, му служиме на Мамона. Токму и заради тоа Бог ја направи таа разлика велејќи дека не може човек да му служи и на Бога и на Мамона. Не можеме да ја исполнуваме нашата волја и Божјата волја истовремено. Не можеме да си служиме себеси и на Бога и на нашите ближни истовремено. Туку ќе го стекнуваме спасението кога служејќи им на ближните и служејќи Mу на Бога служиме на сопственото спасение. На тој начин се исполнува волјата Божја зaшто и Бог не се поштеди Себеси. Не Го поштеди и Својот возљубен Син туку во сѐ и секогаш ни се предава нам. Синот преку евхаристиската жртва давајќи ни се Себе за вистинска храна и вистински напиток, за вистински лек. Светиот Дух преку светите нетлени енергии. Бог Отец преку постојаното создавање и промисла за овој свет. За неговото постоење. За неговото спасение. На тој начин Бог му служи на човекот, на тој начин и човекот треба да Му служи на Бога, во сѐ и секогаш предавајќи Му се Нему, на Неговата света волја, на Неговата света промисла. Амин.


По Божествената Литургија, Неговото Високопреосвештенство ја освети иконата на Св. Никола, Мирликискиот Чудотворец, живописана од Славица Лазаревска.

 

 

известува: ѓакон Стеван Барјактаров