Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Црковно-народен собор на Македонската Православна Црква (05.10.2008)

Од 3-5 октомври во манастирот на Рождество на Пресвета Богородица во Калишта беше одржан Црковно-народен собор на Македонската Православна Црква. Со соборот претседаваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој одржа воведно слово:


„Еве,
под закрилата на Пресвета Богородица – заштитничката на овој крај и по молитвите на свети Климент Охридски, - патронот на нашата Света Црква, како членови на Архиепископскиот црковно-народен собор, највисокото црковно управно и законодавно тело на Македонската Православна Црква, се собравме на дводневен Собор, кој има работен и свечен дел.

Имено, според Уставот на нашата Света Црква (член 45) Соборот треба да одржува заседанија еднаш годишно, а по укажана потреба да се состанува и на вонредни заседанија. Овојпат се собравме, по двоен повод: и за да ја исполниме уставната норма и да одбележиме значаен Јубилеј - 50 години од одржувањето на Вториот Архиепископски црковно-народен собор.

Соборот има исклучително место во поновата историја на Македонската Православна Црква, а своето постоење го потпира врз долгата традиција на Црквата Христова, дури од апостолско време.

Соборот, всушност, е собрание на народот Божји, народот избран и повикан да Му служи на Бога. Соборот е израз на Црквата и како институција одговара на структурата на Црквата, која е ерархиско-заеднички организам. Тој е колективен субјект што ја изразува соборната свест на Црквата.

По Божја милост се собравме денес овде, во Калишта, на работниот, а вечерва и утре во Охрид на свечениот и богослужбен дел од Соборот. Дадена ни е исклучителна должност, но и обврска. Нам, на шеесетината претставници на сите епархии и институции на Македонската православна црква, кој по функција, кој по избор, со сите членови на Синодот, со претставници на монаштвото, свештенството, Богословијата и Богословскиот факултет, сите заедно да го составиме ова највисоко црковно-управно и законодавно тело.

Ако ја прелистаме црковно-народната македонска историја, не ќе најдеме лесно и спокојно време. Нема период во кој мирно живеела нашата Црква и нашиот народ. Што од туѓинци и друговерни, што од војни и завладувања, што од селидби и присилби, од пропаганди и влијанија, како и од меѓусебни делби и поделби, страдал и, за жал, сè уште страда нашиов народ. Црквата наша Охридска и Македонска му била и ќе му биде една од најсилните потпори и најверната чуварка и заштитничка и овде во Татковината и ширум по светот.

Треба да сме Му благодарни на Бога, на преголемата Негова милост, што нашата света Црква ја зачува, и покрај сите голготи и распетија. Треба да сме им благодарни на нашите предци, кои низ вековите живееја и починаа под закрилата на нашата Света Црква, што придонесоа нашата Црква да биде и да остане тврдина во која се одвивал севкупниот живот на нашиот народ.

Овој годинашен јубилеен Собор, покрај работниот и свечениот дел, сам по себе, има исклучително значење. Тој ни порачува и да размислуваме, по петдецениското самостојно делување на нашата Света Црква, да размислуваме за нејзиниот раст, за нејзината зрелост, за сето она што го направивме како нејзини чеда, како и за она што не го направивме.

На внатрешен план, верувам, сте согласни, постигнавме видни резултати. Духовната страна, таа основна димензија во мисијата на Црквата, ја издигнавме колку што можевме, или, подобро речено, колку што ни беше овозможено и колку што времињата дозволуваа... Го чувавме и го чуваме Православието, иако постојано сме изложени  на најразлични друговерни мисии и мисионери. Обновивме стари храмови и изградивме многу нови, иако е видлива потребата за уште сакрални градби во поголемите градови: Скопје, Битола, Прилеп, Велес, Куманово, Кичево и други места, како и меѓу нашите по европските земји.

Она од што најмалку треба да бидеме задоволни, иако не по наша вина, е сè уште нерешениот статус на нашата Света Црква. Правиме напори, обидувајќи се на сите можни начини да го актуализираме нашево прашање и пред Вселенската патријаршија и пред другите православни цркви. Нашево неприфаќање не е од канонски и други црковни пречки. Повеќе од јасно е дека македонското црковно и државно прашање, особено прашањето со името, за жал, е најголемата пречка и за признавањето од Цариградската патријаршија. Но, наше е и понатаму да продолжиме да ја чуваме верата, да ја чуваме Црквата.

Архиепископскиот црковно-народен собор има исклучителна улога во животот на Црквата. Да потсетам - благодарение на Соборот одржан пред 50 години, го имаме ова што го имаме - возобновена Охридска архиепископија како Македонска православна црква, ја имаме Црквата наша света, а во неа поголемиот дел од македонскиот народ, особено во прекуокеанските земји, имаме домородни архиереи, монаштво и свештенство, со органи, тела и институции. Ја имаме благодатта Божја, Го имаме Бога и Неговите светии. Благодарение на соборјаните од пред 50 години имаме сè што ѝ е потребно на една Света, Соборна и Апостолска Црква.

Молејќи се за покој на починатите и добро здравје на живите учесници на Вториот Архиепископски црковно-народен собор, вам, на сегашните членови, ви посакувам добредојде на овој Собор и успешна работа на истиот.

Господ, дарителот на сè, нека нè благослови и нека ни дарува сили и мудрост достојно да ја оправдаме дадената доверба, совесно исполнувајќи ја должноста – член на највисокото црковно-управно и законодавно тело на МПЦ. Амин!

Ви благодарам за вниманието!"

 

     

 

    

 

                                          

 

 

Р Е З О Л У Ц И Ј А

од јубилејниот Црковно-народен собор

3-5 октомври 2008

 

 

Оваа година, во овие значајни денови за Македонската Православна Црква и македонскиот народ, кога го прославуваме 50-годишниот јубилеј, се радуваат сите верни чеда на нашата света Црква, а со нив на небесата и душите на учесниците на Вториот Црковно-народен Собор од 1958 година. Но, се радуваат и оние, кои повеќе децении пред нив се стремеле и работеле на тоа, да се запази споменот на древната Охридска архиепископија и во погоден момент, истата повторно да се возобнови.

Што, всушност, значеше Одлуката на Соборот - да се возобнови Охридската Архиепископија како Македонска Православна Црква? Пред сè, таа Одлука претставуваше манифестирање на приврзаноста на нашиот благочестив народ кон православната вера во Едниот Троичен Бог, но и израз на национално самоопределување.

Ние, духовните наследници на возобновителите на древната Охридска архиепископија како Македонска Православна Црква, инспирирани од нивната визија и самопрегор, го продолжуваме од нив започнатото дело, грижејќи се за сегашноста и бдеејќи над иднината на Македонската Православна Црква.  

Во работниот дел на АЦНС беа разгледани состојбите и достигнувањата на Македонската православна црква во изминатиот период. Согледувајќи ги истите, членовите на Соборот изразуваат благодарност до Владата на Република Македонија за воведување на веронаука во редовниот образовен систем во Република Македонија, како и благодарност за добивањето на долгоочекуваната државна акредитација на ПБФ „Свети Климент Охридски“ Скопје.

Воедно, се побара и интензивирање на процесот на денационализација и враќање на имотите на црквите и манастирите на Македонската Православна Црква.

По истечениот успешен мандат на досегашниот потпретседател на АЦНС д-р Светислав Маџаров од Охрид, а согласно Уставот на МПЦ, со мандат од четири години, за нов потпретседател на АЦНС е избран господин Славе Трајковски од Мисисага - Канада.

Во работна и конструктивна атмосфера, а за запазување на празнично-јубилејниот карактер на Соборот, членовите на АЦНС едногласно одлучија точката 10 од Дневниот ред, предвидена за овој Црковно-народен собор, која се однесува на предлогот за измени и дополнување на Уставот на МПЦ, да се одложи и да биде внесена на дневниот ред за следниот Црковно-народен собор.

Истовремено, членовите на АЦНС упатуваат апел за национално единство и искрен и молитвен повик до државниот врв за еднообразен пристап, во овој исклучително комплексен и полн со предизвици период за нашата Татковина, поврзан со прашањето околу разговорите за името на Република Македонија, при што АЦНС препорачува да се употребат сите сили за запазување на националниот и духовен идентитет на македонскиот народ, останувајќи на ставот од Резолуцијата на АЦНС од 2005 година да се зачува уставното име на Република Македонија.

 

 

Манастир Св. Богородица – Калишта

4 октомври 2008

 

 

                                         

 

    

 

    

 

Фото: Калина Трпеска