Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување и евангелисување на новоизградената црква на свети Тома во село Зубовце - гостиварско (17.10.2008)

Во неделата на 12 октомври 2008 лето Господово на денот посветен во чест и спомен на светиот Теофан Милостив, во гостиварското потшарпланински село Зубовце беше извршен чинот на осветување и евангелисување на новоизградената црква посветена во чест на светиот апостол Тома.

Чинот на осветување и евангелисување на новоизградената црква во Зубовце го изврши надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во сослужение со повеќе свештенослужители од гостиварското и тетовското Архиерејско намесништво, како и професорот на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски “ во Скопје, протоѓаконот г. Ратомир Грозданоски.

Непосредно пред самиот почеток на овој свет и несекојдневен чин обраќајќи се кон големиот број верници, Неговото Високопреосвештенство  Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил рече:

„Почитуван академику Томе Серафимовски, со Вашето благородно христијанско семејство, себлагоговејни отци, дами и господа, браќа и сестри во Господа.

На овој од Бога даруван убав, сончев – прекрасен есенски ден, се собравме во ова бисерно македонско потшарпланинско село Зубовце, за да извршиме денес големо, на Бога угодно дело, за да крунисаме уште едно епохално дело создадено преку Вашата голема љубов и преданост кон Мајката Светоклиментова Црква и нашата родна и мила библиска Македонија, покрај многубројните од Вас создадени епохални дела нанижани на Вашиот седумипол децениски животен од, за да извршиме осветување и евангелисување на новоизградениот храм.

Старозаветниот пророк Давид ќе воскликне: Господи, Господи, како се величествени твоите дела. Се премудро си сторил и немаме доволно зборови за да ги искажеме чудесата на Твоето величие. Сѐ што е од Бога, драги браќа и сестри, е убаво. После повеќемесечните суши Господ даде и изобилни бериќетни дождови, ја напои жедната македонска земја, за да биде поголем бериќетот од трудот на нашиот работен човек. Голем е Господ! Затоа што, да планиравме ние грешните луѓе, така немаше да се случи, како што се случува, да бидеме учесници во овој убав историски светоден. Во летото Господово 2008 целиот македонски род на просторот од родна и мила библиска Македонија и во шир по сите меридијани од земјината топка каде што нѐ има, а нѐ има многу,  ја споделуваат радоста по повод јубилејот 50 години од обновувањето, од новото воскреснување на древната и славна Охридска Архиепископија олицетворена во денешната наша делотворна и жива Македонска Православна Црква. Педесет години од самостојноста што претставуваше предвесник за после неполни десет години во далечната 1967 година да ја обновиме и нејзината целосна автокефалност. Денес, Господ ни го дарува овој прекрасен убав ден за да се радуваме, за да изразиме благодарност на големиот македонски син, заедно со неговото благочестиво семејство, за да ја споделиме радоста бидејки ова прекрасно светилиште е дело на големиот протамајстор, академскиот скулптор Томе Серафимовски, дело кое што ќе остане како трајно сведоштво, посебно со изработениот иконостас, поточно иконостасните икони за првпат изработени од неговата вредна рака и преку неговата креативност со која што Господ го обдарил. Дело кое што ќе сведочи за него и за неговите идни поколенија. Дело во коешто дај Боже да се исполни во целост неговата желба споменувана повеќе пати во ова новоосветено македонско светилиште што повеќе да се собираат чедата на нашата Света Црква за венчавки и за крштевки за да се множи нашиот сехристијански благороден македонски род.

Големите дела, драги браќа, и сестри бараат големи саможртвени подвизи. Но, бараат и уште поголеми и уште подоблесни македонски синови и ќерки од македонскиот род. Олицетворение на таков голем син денес и еве со децении такаречи преку делата кои што ги создава имаме во лицето на нашиот драг ктитор, градител на ова светилиште г. Томе Серафимовски. И дај Боже Македонија што повеќе да раѓа такви синови и ќерки, коишто создаваат трајни епохални дела. Зошто македонскиот народ во минатото градел а и сега гради цркви и манастири, тие вечни чувари и жаришта колку на црковно-духовниот, не помалку и на националниот и социјалниот бит на македонскиот христијански род, за којшто бит и ден денес се бориме да го потврдиме? Зошто денес сe гради и тука и насекаде низ дијаспората? Знаеме, не треба многу да елабориртаме, за тоа, што нашата Света Црква со апостолско преемство успеа да направи и да се воздигне до небесните височини во времето на овоземното живеење на рамноапостолите, солунските браќа Свети Кирил и Свети Методиј и нивните најдаровити ученици свети Климент и свети Наум обновителите на нашата Црква и создателите на Охридскиот универзитет, во нашиот македонски и сесловенски втор Ерусалим на планетата земја. Секој народ, во неговото овоземно животно чекорење има своја непобедна тврдина, Охридската Архиепископија олицетворена денес во нашата Македонска Православна Црква во минатото кога немавме ниту наша обновена суверена држава, немавме наши просветни високи институти и институции претставуваше вистинска, цврста, гранитна непобедлива карпа. Благодарение на таа Црква, преку преточувањето во дело на евангелските пораки упатувани до нас од нашиот Спасител Господ Исус Христос и од светиот апостол Тома, во чија чест и слава ќе ја посветиме црквата. Ова наше новоизградено светилиште во иднина ќе биде уште еден ангел чувар, уште еден пазител за сите Вас, за родна и мила Македонија, бидејќи од ова манастирско светилиште ќе се излева светиот Божји благослов кој ќе се разлева на просторот за во неа да царува мир и благосостојба.

Еве денес драги браќа и сестри ќе нанижеме уште еден драгоцен брилјантен камен од многубројните досега нанижани и тука и во дијаспората на бесмртниот сенароден Светоклиментов македонски гердан. Нека ни е од Бога благословено и честото, да си го кердосаме овој новоизграден манастир и да воскликнеме: Господи нека е благословено Твоето име од сега и до века! Господ нека ни ја зајакнува милоста да градиме, да ја разубавуваме македонската земја, за да можеме да светлозрачиме со полн блесок и пред нашите идни рожби и пред историјата и еден ден да го добиеме венецот во небесната Црква Христова. Амин!“

          

Карактеристично за оваа новоизградена и новоосветена црква е тоа што нејзиниот иконостас и иконите се изработени од бронза, лично од вештите раце на богољубивиот академски сликар и скулптор г. Томе Сетафимовски. Оваа уметничка и сакрална творба на нашиот реномиран уметник, всушност е единствен и досега невообичаен пример на овие простори.

Свети апостол Тома на кого и е посветена оваа црква е еден од дванаесетте големи апостоли. Преку неговиот сомнеж во воскресението на Господа Исуса Христа на светот му е дадена нова потврда на тој чудесен и спасоносен настан. Така, светиот апостол Тома со своето неверување ја утврдил верата во воскресението на Господа, а пак при успението и погребението на Пресвета Богородица, со своето задоцнување, на светот му го открил чудното прославување на Мајката Божја.

Свети апостол Тома го проповедал евангелието на Господа Исуса Христа на народот во Индија, каде организирал и Црква и поставил епископи и презвитери. Неговиот свет спомет Македонската Православна Црква го празнува на 06. октомври според стариот календарски стил.

 

        

 

        

 

       

 

       

 

       

 

 

                                                                  Подготвил:

                                           свештеник Жарко Мицковски, професор