Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велики Понеделиник во Бигорскиот манастир (13.04.2009)

Во светиот и Велик Понеделник добиваат почеток светите страдања на нашиот Господ Исус Христос. Преку неколку параболи поместени во Евангелието, нашиот Спасител нѐ поттикнува на покајание и нѐ подготвува што подостојно да ги пресретнеме Неговите страдања кои преку Голгота нѐ водат до радоста на Воскресението. Така спомнувајќи си најпрво за исушената смоква, која ја симболизира душата без духовни плодови, ние се опоменуваме за крајот на оние што не дале достоен плод на добродетели. Истовремено се потсетуваме и за светиот живот на праведниот Јосиф, кој е праслика на новиот Адам - Христос. Потоа со приказната за мудрите и безумните девојки, Господ нѐ потсетува дека девството лишено од добродетели не води кон спасение и наликува на светилник кој гасне поради недостаток на елеј. Со тоа, преблагиот наш Господ, Исус Христос нѐ поучува да обрнеме внимание на милосрдието, секогаш да бидеме подготвени да Го пресретнеме вистинскиот Младоженец со добри дела. Најпосле, во светата и Велика среда, го славиме споменот на жената блудница и нејзиното големо и длабоко покајание наспроти лукавото и подло предавство на Христовиот ученик Јуда.  

Спомнувајќи си за сето ова монасите во Бигорскиот манастир со најголема побожност и почит ја изнесуваат иконата на црковниот Младоженец, облечен во црвена багреница, со трнов венец на главата и трска во раката, и со љубов се поклонуваат пред неа, додека во тивкиот храм се слушаат покајните стихови: „Твојата свадбена одаја ја гледам украсена Спасителе мој, а облека немам да влезам во неа. Просветли ја облеката на душата моја, Дарителу на светлина, и спаси ме.”

 

                                

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица