Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (23.04.2009)

Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква со жалење ја прими веста за забраната за предавање на веронауката во основните училишта во Република Македонија, а особено што ова се случи на неколку дена пред најголемиот христијански празник - Воскресенето Христово и пред крајот на учебната година. Со тоа е нанесена голема штета, пред сè, на децата кои доброволно, заедно со нивните родители, прифатија да се изучува овој предмет.

Образложението дека нашата држава е секуларна и затоа нема место за Бога и Неговото учење во училиштата е несфатливо, особено ако се има предвид дека токму писменоста и образованието на нашиот народ потекнува од Црквата. Нашата азбука ја создадоа луѓе од Црквата, првиот Универзитет беше под раководство на светите Климент и Наум, а во времето на ропствата манастирите и црковно-училишните одбори беа не само чувари на македонскиот идентитет, туку и центри на описменувањето и образованието. Затоа и денес нашите највисоки научно-образовни установи, универзитетите во Скопје и Битола, ги носат имињата на нашите црковни учители. Па затоа, секуларноста не подразбира исклучување на Црквата од животот на државата, туку взаемна соработка кога тоа е од обостран интерес, а веронауката е продолжување на нашата традиција на добар однос меѓу Црквата и државата, а за доброто на нашите граѓани и верници.

Веронауката не претставува верска пропаганда ниту, пак, имаше за цел од децата да направи верници и особено не верски фанатици, туку само да им ги даде основните вистини за верата и Црквата. Верските слободи и права се едни од основните права кои се гарантирани со Уставот и законите, а со забраната за предавање на веронауката се ускратени токму тие права. Веронауката не претставува нарушување на секуларноста, бидејќи таа, во различни форми, се предава во скоро сите држави во Европа и светот. Црквите и верските заедници се дел од секое општество и нивната дејност не е противдржавна. Но, доколку се ускратува можноста за вистинско запознавање со верските вистини, тогаш се појавуваат разни форми на суеверија и празноверија кои се вистински штетни и за граѓаните и за државата. Затоа, Македонската Православна Црква и понатаму ќе бара верското образование да биде дел од образовниот систем во Република Македонија за да се овозможи на нашите деца што подобро и на вистински начин да ја запознаат својата вера и Црква.

По тој повод, утре, на празникот Источен Петок - Балаклија, во сите црковни и манастирски храмови на МПЦ, во 12,00 часот, ќе се огласат црковните камбани, со цел да се разбуди свеста на оние кои се обидуваат да го оттргнат Бога од децата, бидејќи Сам Господ Исус Христос повика: „Остваете ги децата да доаѓаат при Мене... и бидете како деца”.     

 

Од Канцеларијата на САС на МПЦ