Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Источен петок - Балаклија во Бигорскиот манастир (24.04.2009)

Нема ништо во светот што би можело да се спореди со Богородица. Нејзината слава е толку голема чиста и блескава што и ние сме должни со почитување и вера да извикаме како свети Дамаскин: И ако некој Ти даде безбројни пофалби, пак доволно не би Те пофалил!

Заради Неа и преку Неа се благословени сите жени и повеќе не потпаѓаат под проклетството на Ева, туку еве, со слава, ги надвишуваат и ангелите.

Затоа да Ѝ воскликнеме на Нашата Владичица: Благословена си Ти меѓу жените. Ти единствена си ја видела тагата на Ева, Ти единствена ги избриша солзите на онаа што плачеше, Ти единствена даде цена за окуп на целиот свет...

Денес празнувајќи во чест на бескрајната милост на Пресветата кон човечкиот род, преку чудата што ги излева на нас, како што се вели во една црковна песна, свечено со духовни песни и срдечни молитви ја славиме Богомајката како извор на добрини и добри дела, како извор од кој што се излева благодат што лекува секакви духовни слабости и телесни болести, извор од кој струјат големи чудеса по целата вселена.

Имено, на денешен ден си спомнуваме за Живоносниот или Живоприемниот источник кој се наоѓа во величествениот храм посветен на Пресвета Богородица во Балаклија кај Цариград. На ова место, посветено на Пресвета Богородица, некогаш имало мала гора со чудотворен извор во средината. Со тек на време, околу гората се насобрало секаква нечистотија и се создало тиња, а изворот бил запоставен.

И по долги години, чудотворниот извор најпосле бил откриен од страна на византискиот император Лав (457 - 473) на кого му се обратила самата Пресвета Богородица и му го објавила постоењето на овој источник. Тогаш преку водата од источникот се случило и првото чудо - исцеление на слепиот што Лав го водел со себе.

На барање на Богородица, Лав го исчистил местото и тука изградил прекрасен храм, а Пресветата го благословила тој храм навестувајќи дека сите што ќе доаѓаат тука со вера, ќе добиваат исполнување на нивните прозби и исцеление од нивните болести.

Исполнети со голема љубов и со огромна почит кон Пречистата Богомајка, монасите во Бигорскиот манастир секоја година си спомнуваат за Нејзините многубројни чуда, правејќи свечена литија после Божествената Литургија, до местото од каде што извира света вода - агиазма, посветена токму на Живоносниот источник на Богородица. И овој пат, носејќи ја на своите раце иконата на Пресвета Богородица наречена Одигитрија - Патеводителка, тие се упатија низ блиската шумичка, кон агиазмата каде игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј освети вода со која потоа на враќање во манастирот, беше осветена и водата во фиајлата.

Пресветата е навистина нашата патеводителка и верна застапничка пред Бога. Никој кој прибегнал кон Неа во молитва не останал неуслишан. Затоа, усрдно да Ѝ се помолиме на Богомајката: 

Прибегнуваме под Твојата милост Богородице, не презирај ги нашите молитви во неволја, туку избави нè од опасност, единствена Чиста, единствена Благословена.

 

    

 

    

 

     

 

    

 

                                    

 

                                     

 

                     

 

      

 

     

 

                      

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица