Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Одржан Архиепископски црковно-народен Собор во соборен храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје (12.11.2009)

На 12 ноември 2009 година во салата на Архиепископскиот соборен храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје се одржа Архиепископски црковно-народен Собор (АЦНС). Соборот, којшто го сочинуваат делегати од сите епархии и институции на Македонската православна црква (МПЦ) како во Република Македонија, така и во дијаспората, разгледа повеќе актуелни прашања од животот на Македонската православна црква и нејзините активности, и донесе повеќе заклучоци, од кои произлезе следнава

 

 

 

Р Е З О Л У Ц И Ј А

 

 

1. АЦНС едногласно го прифати Експозето на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, во коешто укажа на повеќе актуелни состојби во животот на МПЦ во период од една година, сметано од минатиот Архиепископски црковно-народен собор.

 

2. АЦНС едногласно ги прифати и изгласа сите предложени амандмани за измени и дополнувања на Уставот на Македонската православна црква.

Предложените амандмани беа мотивирани од потребата за усогласување на највисокиот правен акт на МПЦ - Уставот, со позитивните законски прописи во Република Македонија. Измените се однесуваа на името на Македонската Православна Црква, согласно со вековната традиција на Православните Цркви, во чиешто име се содржат историските и актуелните атрибути од историјата и животот на секоја помесна Црква. Во таа смисла има измени и во делот на симболите на МПЦ, грбот и знамето.

Другите измени се однесуваат на правниот статус на МПЦ како правно лице во РМ и согласно на тоа во однос на внатрешното устројство на МПЦ.

 

3. АЦНС изразува голема благодарност до Комисијата за денационализација при Владата на РМ, за големиот број решени предмети, а воедно апелира и бара Комисиите, задолжени за оваа пробламатика, да го забрзаат процесот на разгледување и одлучување за предметите што сè уште чекаат разрешница, а кои не се во мал број.

 

4. Членовите на АЦНС молитвено изразија благодарност до Бога, што и покрај големата трагедија што се случи со опожарувањето на конакот Горни Палат во Бигорскиот манастир, по промислата Божја не беа предизвикани човечки жртви и не беа зафатени оние делови од манастирскиот комплекс, чија што загуба би била не само материјална, туку и од непроценлива културна и духовна природа. АЦНС, исто така, изразува благодарност до сите поединци и институции кои даваат материјална помош за обновување на ова наше големо духовно светилиште.

При тоа, се даде целосна поддршка на заклучоците на САС на МПЦ, сите епархии, цркви и манастири во МПЦ, согласно своите материјални можности, финансиски и материјално да го помогнат возобновувањето на опожарениот конак.

 

5. Во овој контекст, АЦНС апелира до сите физички и правни лица, да се продолжи со донирање на финансиски и материјални средства за обновување на манастирскиот комплекс. Поучени од овој немил настан, апелира до надлежните и стручни институции во Државата да вложат поголеми напори и грижа за стручна заштита на сакралните објекти што имаат третман на културно-историски споменици.

 

6. АЦНС искажува висока благодарност до сите оние кои постапувајќи во име на вистината, но и според Меѓународното право, го афирмираат македонскиот национален идентитет и ѝ даваат искрена поддршка на Република Македонија за зачувување на уставното име на Државата.

 

7. АЦНС испраќа порака до сестринските православни цркви, водени од Евангелска љубов, да посветат поголемо внимание за залечување на раните на мистичното тело Христово, - Црквата, а во смисла на целосно прифаќање на Македонската православна црква во соборот на Помесните Православни Цркви.

 

8. АЦНС упатува апел до надлежните институции во Државата, како и до севкупната македонска јавност, да ја разберат незаменливата потреба за повторно воведување на веронауката во образовниот систем во РМ.

 

9. АЦНС искажува благодарност до Ректорската управа и Сенатот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за укажаната поддршка за примањето на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ како придружна членка на Универзитетот во Скопје. Воедно, искажува надеж дека Владата и Собранието на РМ ќе создадат услови и Средното богословско училиште да добие соодветен државен третман.

 

10. АЦНС искажува загриженост од современите тенденции во име на некаква недефинирана либерализација и за наводна заштита на индивидуални права, кои се промовираат и во форма на закони, а како решенија се спротивни на Светото Писмо и Светото Предание, но се и против природата на нештата и како такви во иднина ќе предизвикаат непроценливи штети по секоја индивидуа, семејство и општеството.

 

11. АЦНС ги задолжува телата и органите при МПЦ да се ангажираат за надминување на проблемите околу начинот на тарифирање и наплата на искористената електрична енергија во црквите и манастирите во Република Македонија.

 

12. АЦНС повторно апелира до сите граѓани во Р. Македонија и Македонците во дијаспората, да го негуваат и сочуваат државното и национално единство. Во тој контекст, АЦНС ги повикува релевантите политички субјекти во РМ, исто така, да се однесуваат одговорно по ова прашање и да не ги ставаат партиските пред националните интереси.

 

 

Скопје, 12. 11. 2009 год.