Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ВЕЛИКАНОТ ОД КОЖЛЕ (26.05.2010)

 

Како да ти се вратам,

кога ли да ти се вратам?

 

Ова, одамна, пред триесетина години, упатено прашање од големиот наш покојник до Кожле, до ова само навидум мало место и непознат крај, еве, го дочека и својот одговор: се врати – и како, и кога и колку треба! Се врати онака како што, веруваме, и најмногу посакуваше да се врати, да се врати за последно, да се врати засекогаш, да се врати овде во Кожле, во најдрагата вистина, овде во топлото легло на душата, да се врати овде на оваа вечна вододелница, да се врати во оваа вековна амајлија полна со тајни завети, во крајот – цвет закоренет во времето, во најдрочните леи на љубовта, во најчеличното сопостоење...

Нажалено семејство, почитувачи и пријатели на Гане, еве, дури сега разбрав зошто неколкупати, при нашите средби по различни поводи, почитуваниот покојник предлагаше да дојдеме заедно до Кожле, заедно да го видиме овој крај, крајот во кој се кријат многу вистини, крајот за кој, верувам, и самиот Гане носел и криел некоја своја желба, која, еве, дури сега ни ја објави на сите.

Но, ако не дојдовме порано, еве дојдовме пак заедно, за, конечно, на сите да ни ја открие таа своја тајна. И сега, стоејќи за последно пред него, си велам – само вистински големите луѓе се покажуваат секогаш и насекаде за такви, па дури и на последното, вакво, свое заминување... Гане, тој неуморен апостол на нашево македонско време – и во литературата, и во мудроста, и во храброста и во истрајноста..., беше безмерен вљубеник во сè што е македонско: и во Татковината, и во родот, и во зборот и во сè што било, што е и што треба да остане наше... Во себе имаше многу далекувидост и будност од просветителите и преродбениците, од комитите и страдалниците за оваа земја и од сите вљубеници во македонското дело. Гане го имаше она што ни беше и што ни е најпотребно во ова долго македонско невреме – најбрзо да сториме сè што е потребно – Македонија да се домакедончи!

Стоејќи пред него, се прашувам дали ја изоде, дали му достаса време да ја измери сета наша Татковина?  – Но, сигурен сум во тоа, дека ја опеа храбро, машки, по негово – по ганевски, ја опеа како што доликува да се пее за најмилото и најсветото...

А, покојниот академик остави зад себе ретко богата научна дејност – дејност што подразбира една сеопфатна анализа на битието на македонскиот народ, на неговата литература и култура, на неговото вековно постоење.  Затоа, веруваме, и ќе остане запаметен и ќе си споменуваат современите, но и идните македонски генерации, особено за неговиот истанчен уметнички збор, за неговата исцрпност, доследност, сестраност и универзалност, комплетност и посветеност, ќе го памететиме како неуморен трагач, но и афирматор на вистинските историски и духовни вредности на македонскиот народ. Неговиот повеќедецениски придонес во книжевноста и културата на нашиот народ, но и пошироко, во поезијата, преводот, есејот, критиката, литературно-историскиот запис, полемиката, е вистинско богатство, аманет што тој ни го остави нам, но и на сите по нас.

Мртвите најдолго живеат, вели Гане на едно место, но мртвите што се живи, и, еве, по христијански и по македонски е така – зашто колку сме, толку сме и, еве, по заминување на Гане, токму сме, зашто пред Бога сите се живи. Затоа, да се помолиме на вечниот Бог, да му остане на Гане вечен споменот во небоземната Татковина и Црква. Амин.    

 

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан