Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Во чест на рождеството на Св. Јован Крстител (09.07.2010)

Денес Елисавета го раѓа крајот на пророците и почетокот на апостолите, небесниот човек, гласот на Словото, воин и Христов Претеча, кој порано заигра во утробата поради неверувањето и проповедаше пред раѓањето на Сонцето на правдата...

И како што вели благоглаголивиот Златоуст:

...денес немоста која го очекуваше гласот на оној што треба да се роди, се разрешува и Бог прави стариот Захариј да биде гласник на тоа чудо...

Со голема радост и торжествени песнопенија, на сеноќното бдение во светиот Бигорски манастир беше прославен споменот од рождеството на чесниот и славен пророк, претеча и Крстител Господен, Јован, во присуство на голем број верници и поклоници. Сите присутни од голема љубов и почит кон патронот и заштитник на светата Бигорска обител, во сеноќен подвиг и усрдно молитвословие му се обратија на светиот Претеча и го прославуваа овој голем ден, кога се раѓа началникот на воинствата на Царот небесен и подготвителот на ослободувањето на светот од гревовите...

Чудесни се делата кои се исполнуваат на овој голем празник - рождеството на св. Јован, бидејќи она за што ангелите од небесата не знаеа, тоа го узна Јован носен во утробата на мајка си... Бог од господствата ја сокрил тајната на домостројот, но му ја открил на оној во утробата на Елисавета. Нејзиниот плод сеуште нероден, а проповеда со играње, сеуште не знае да зборува, а се слуша преку дела, уште не се научил да живее, а Го проповеда Бога, уште не ја видел светлината, а Го објавува Сонцето, уште не се родил, а брза да трча напред.

Денешниот ден ги објавува делата на природата и натприродните чуда на верата и благодатта, бидејќи уште од утробата на својата мајка, Св. Јован Го имаше Бога во себе и беше исполнет со Светиот Дух, затоа сите да се зарадуваме и возвеселиме на овој ден кога светиот Претеча Христов се јави и целиот свет се зарадува.

Немиот Захариј на овој ден го здогледува духовниот клас и Го спознава умозрителниот Земјоделец; да не го примеше дарот, не ќе Го благословеше дародавецот; да воскликнеме и ние зедно со Захариј, со пророчка песна, достојна за дарот: Благословен е Господ Бог, оти го посети и избави народот Свој.

Бдението кое траеше до раните утрински часови беше крунисано со Божествена Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки, г. Тимотеј, во сослужение со игуменот на светата Бигорска обител, Архимандрит Партениј, секретарот на Дебарско-кичевска епархија, о. Игор Никовски, јеромонасите о. Доситеј и о. Јосиф, како и ѓаконите Димче Азески и Васко Голабовски. Во чест на споменот од рождеството на Претечата, Неговото Високопреосвештенство, г-дин Тимотеј, во пригодна беседа им се обрати на присутните верници:

Нашата света црква како грижлива мајка ги повикува своите деца да ги нахрани на божествената Христова трпеза, жедните да ги напои со вечниот Христов извор од кој, оној што пие, никогаш не  ожеднува. Ги повикува и сите кои се паднати во тешки гревови и правење на разни беззаконија, да дојдат во храмот во таа бања Витезда, да ги измијат своите гревови и да се загреат со топлината на Светото Христово Евангелие. Затоа светата црква нè повикува сите да не се колебаме, туку да побрзаме да пристапиме кон Христа и кон Неговата света Црква, да принесеме и достојни плодови на покајание и на добри дела, бидејќи Господ од нас бара: „Направете плод достоен за каење и немојте да говорите во себе: Наш татко е Авраам зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му издигне чеда на Авраама. Секирата веќе лежи при коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган” (Мат. 3, 8-10).

Да се обратиме со искрена молитва кон Свети Јован Крстител и Претеча Господов, тој да биде наш молитвеник пред нашиот Спасител Господа Исуса Христа. Да ни ја зацврсти и утврди верата во нашата света Црква, да ни ја укрепи и засили љубовта, да можеме и ние, како чеда на светата православна Црква, да принесеме достоен дар на покајание и плодови на добродетели, за да го добиеме ветеното царство и вечен живот. Амин!

Сите верници кои го издржаа подвигот на сеноќното бдение и молитвословие кон Светиот Претеча, се причестија со Светите Тајни и по завршувањето на Литургијата, телесно се поткрепија од трпезата на љубовта, која братството ја подготви за сите присутни.

 

                                

 

    

 

    

 

    

 

    

 

                                                     

 

                        

 

                                                      

 

                          

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица