Vesti i nastani
 
 
 
 
 

До Македонската кошаркарската федерација (16.09.2011)

Почитувани,

 

Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква се придружува на многубројните честитки и пофалби за успехот на нашата кошаркарска репрезентација на Европското првенство, кое се одржува во Литванија.

Резултатите и победите кои македонските кошаркари ни ги донесоа уште повеќе ја зголeмуваат радоста во овие денови кога нашата држава – Република Македонија ја прославува 20-годишнината од својата независност и самостојност.

Иако сите учесници посакуваат победи, зашто на тркалиштето се натпреваруваат повеќе екипи, но само една ќе победи (1 Кор. 9, 24), се надеваме дека и понатаму нашите кошаркари ќе продолжат со овие големи резултати, најдобро претставувајќи ја нашава држава и народ во светот, правејќи нѐ горди што имаме вакви спортисти, кои се пример како се настапува за својата земја.

Честитајќи им на целокупниот тим на македонската кошаркарска федерација, Му благодариме на Бога и се молиме за уште многу успеси и, пред сѐ, добро здравје и душевен мир на сите.

Со Божји благослов,

 

ПОГЛАВАР НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

г.г. Стефан