Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Претседателот Ѓорѓе Иванов и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј разговараа за МПЦ и за чудото во црквата Св. Димитрија (10.04.2012)

Сите треба да се вратиме кон основата на изворот на вербата и почитувањето на духовните вредности за подобро справување со предизвиците на денешнината, за обединување и за заедништво, оценија македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј на денешната средба во Цариградската Патријаршија во Истанбул.

Покрај пораки за православно единство македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, јави известувачот на МИА, разговарале и за проблемите со кои се соочува МПЦ,  како и за чудото во црквата Св. Димитрија.

Претседателот Иванов изрази надеж дека прашањето на МПЦ ќе биде надминато низ дијалог со взаемно почитување во духот на христијанството и дека македонските верници ќе си го заземат своето место во православната екумена. Црковните прашања, оцени Иванов, ги решаваат Црквите, кои за тоа немаат ограничен мандат за разлика од политичарите.  

– Црковните прашања си ги решаваат Црквите. Ние сме политичари и сме ограничени со мандат. Црковните прашања кај Црквата немаат ограничувања и тоа е процес кој ме радува што тече и кога-тогаш Црквите ќе си го најдат своето решение, изјави Иванов, одговарајќи на новинарски прашања.

Патријархот Вартоломеј од своја страна истакнал дека неговите мисли и молитви и неговиот ангажман се во насока за надминување на братските недоразбирања и постигнување православно единство. Упатил честитки за лидерството на претседателот Иванов, за неговата посветеност на духовите вредности, на дијалогот и толеранцијата на различностите. 

На средбата на Иванов со Цариградскиот Патријарх претходеше негово присуство на утринска богослужба во црквата Св. Георгиј во дворот на Цариградската Патријаршија.

На Литургијата, која ја предводеше Неговата Светост Патријархот Вартоломеј, се подготвуваше светото миро што ги внесува сите верници  во христијанството, чин што се прави на секои десет години непосредно пред Велигденските празници.

Според претседателот Иванов, станува збор за неповторлив настан, кој дава надеж за заедништво на верниците од севкупната православна екумена.

 Подготовката на светото миро се прави еднаш на 10 години и е настан кој е неповторлив и ги внесува во христијанскиот свет сите верници. Присуството на оваа Литургија, разговорите кои ги имавме со Вселенскиот Патријарх, ни дава надеж дека и нашите верници ќе бидат во заедницата со севкупната православна екумена, изјави Иванов.

 

Повеќедневната посета на Турција претседателот Иванов ја продолжува со учество на 15. Евроазиски економски форум, што почнува утре, во организација на фондацијата Мармара.

Главни теми на  тридневниот форум  годинава се  економијата, екологијата и одржливиот развој, со акцент на периодот по економската криза,  енергијата  - технолошките иновации и иднината на зелената енергија, како и  интеркултурниот дијалог – култура на мир. 

 

Извор: ТВ Сител