Vesti i nastani
 
 
 
 
 

На празникот на светите Кирил и Методиј во Тетово (26.05.2012 09:30)

На 24 мај 2012 лето Господово, на празникот посветен на светите Кирил и Методиј, како и во чест на Вознесението Христово – Спасовден, по покана на нашиот надлежен епархиски архиереј Митрополитот Полошко-Кумановски г. Кирил, во соборниот храм на светите Кирил и Методиј во Тетово пристигна и беше срдечно пречекан поглаварот на нашата Света Македонска Православна Црква, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, каде во сослужение на Митрополитот г. Кирил, братското монаштво како и голем број свештенослужители од Полошко- Кумановската епархија (Тетовското, Гостиварското и Кумановското архиерејско намесништво) отслужија Света Архиерејска Златоустова Литургија. На свечената Литургија активно учество зеде и женскиот младински хор „Менада“ од Тетово, раководени од диригенската палка на Маестро д-р Ивица Зориќ.

Во преполниот од верници соборен храм, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан се обрати на верните чеда на МПЦ:

„Ваше Високопреосвештенство, отци, свештенослужители, возљубени во Господа, најнапред да Му заблагодариме на Бога за денешната двојна радост заради празнувањето во спомен на Спасоносното Христово Вознесение и за чествувањето на светите солунски браќа Кирил и Методиј, во исто време сакам од свое име и од име на присутните гости да се заблагодарам на поканата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил како и на одборот за одбележување на денешниов празник, за можноста вака заедно и молитвено да ги одбележиме спасоносниот настан – Вознесението Христово (Спасовден) и рамноапостолните македонски и сесловенски просветители светите Кирил и Методиј. Возљубени, секој ден е за слава на Господа, но ваквите како денешниов се денови кои нѐ враќаат далеку во времињата, ни ја објаснуваат сегашноста и ни ја осмислуваат иднината“, рече меѓу другото Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Објаснувајќи го значењето на денешните празници во понатамошното свое обраќање додаде: „Возљубени во Господа, пред 45 години на 17 и 18 јули на третиот Црковно-нареден собор, претставниците на нашиот народ, соборјани, свештенослужители и мирјани, едногласно и еднодушно донеле богољубива, родољубива историска одлука целосно да се возобнови автокефалноста на Охридската Архиепископија како Македонска Православна Црква, тие наши доблесни црквољупци, меѓу кои беше и нашиот многупочитуван Митрополит г. Кирил, донеле далекувидна и оправдана одлука со која се исправила вековната неправда кон нашата Света столица. РАЦЕТЕ ДА ИМ СЕ ПОЗЛАТАТ!“ – со радост нагласи во своето обраќање Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

По свечената Литургија, а по повод 45 години од обновата на древната и славна Охридска Архиепископија, како и 45-годишното предано архипастирско служење на Бога и на својот верен народ, претставник од име на организациониот одбор за прослава на овој ден, од еснафот од Тетово г. Владимир Николовски и член на Епархискиот и Архиепископскиот управен одбор на МПЦ, на Митрополитот г. Кирил му беше подарена панагија во позлата со ликот на Пресвета Богородица и плакета со благодарност.

На крајот, нашиот надлежен епархиски архиереј Митрополитот г. Кирил изрази голема благодарност до Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан за неговото присуство, како и за јубилејниот подарок од организациониот одбор, еснафот од Тетово, за трудот и несебичното залагање со што беше збогатена прославата на овој светол ден.

 

           

 

           

 

           

 

            

 

           

 

            

 

            

 

                              

 

           

 

          

 

подготви: Диме Змејкоски