Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија на Бигорскиот манастир (12.05.2013 12:12)

„О чудо преславно! Неверието роди сигурна вера, зашто Тома рече: Ако не видам, нема да поверувам. Но, кога ги допре ребрата, Воплотениот Го призна за Син Божји, Кој пострада во тело, Го објави воскреснатиот Бог и со светол глас извика: Господ мој и Бог мој, слава Ти!“ (стиховна стихира на Вечерна на Томина недела).

На 12.05.2013 година, во Неделата на Антипасха, кога го празнуваме јавувањето на Спасителот на апостолите и допирот на Тома, во манастирот „Св. Јован Крстител – Бигорски“, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Велички г. Јосиф, архимандритите Нектариј и Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо и Ефросиниј и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Празникот стана уште порадосен со осветувањето на новата камбана, дар од г-дин Иван Постоловски со неговото семејство од Скопје, а манастирот го одликува со манастирскиот орден „Претеча“, кој Иван го прими од рацете на Митрополитот Тимотеј. На овој свечен и торжествен чин, присуствуваше и гостинот од Руската православна црква, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Тамбовската епархија г. Теодосиј, кој дојде во манастирот во придружна на амбасадорот на Русија во Р. Македонија, г-дин Олег Шчербак со неговата сопруга Лариса. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Христос воскресе!

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Христовото Воскресение, како историски факт, е нешто најбитно во историјата на човештвото. Пред Господа Исуса Христа, историјата не познава такви збиднувања во своето долговековно постоење. Затоа и настанот на Воскресението е центар и стожер на нашето учење, на нашето постоење, на нашата вера, надеж и љубов. Веќе една седмица, светата православна Црква го прославува светлото Христово Воскресение.

Денеска, пак, ја прославуваме првата недела по Воскресението, која ја нарекуваме: Томина недела. Во широките народни маси, честопати може да се слушне поговорката: „Не биди неверен Тома“. Апостолот ја добива оваа класификација врз основа на настанот од денешното свето Евангелие, што го читавме на светата Литургија. Господ Исус Христос, по своето воскресение, им се јавил на жените мироносици и на апостолите, и тоа на различни места и во различни пригоди. И сите апостоли, кои пред тоа беа колебливи и плашливи, по средбата со Христа Воскреснатиот, станале цврсти и непоколебливи во науката, проповедана од Спасителот. Повеќепати апостолите му кажувале на апостол Тома дека го виделе воскреснатиот Христос, но тој искажал сомнение и неверие, онака како што слушнавме и во евангелскиот текст: „Додека не ги видам раните на рацете Негови, и додека не го ставам прстот свој во раните од клинците Негови, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“ (Јн. 20, 25). Но, по осум дена, кога сите ученици биле собрани, а заедно со нив бил и апостолот Тома, низ затворената врата влегол Христос и им рекол: „Мир вам“, а потоа му рекол на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверен, туку верен! Тома му одговорил: Господ мој и Бог мој, Исус пак му рекол: Тома ти поверува оти ме виде а блажени се оние кои не виделе а поверувале“ (Јн, 20, 26-28). Токму од овие зборови, изговорени од Господа Исуса Христа, се пренесла оваа изрека за апостолот Тома меѓу народот.

Но, не треба да погрешиме во своите заклучоци и уверувања дека Тома бил неверен. Тој својата припадност и верност ја посведочил како и останатите апостоли - со непоколеблива вера во Господа Исуса Христа. Тој се потрудил да го проповеда и да го сее евангелскиот збор во Индија, каде му било определено да ја извршува својата евангелска дејност. Тој покрстил огромен број верници и својата припадност кон Христа ја потврдил со маченичка смрт. Тома бил убиен од тамошниот многубожечки кнез, затоа што апостолот ги покрстил неговата жена и син. Преку ова се потврдува дека апостолот Тома не бил ништо помалку верен од останатите Христови ученици. Сосема исправно некои го поставуваат прашањето: дали и останатите апостоли ќе покажеле сомнеж и неверие, доколку Христос не им се јавел по Своето воскресение? Недовербата, пак, не е исклучок и посебност само кај апостолот Тома. Таа е присутна и својствена на човечката природа, од создавањето на светот, па сè до денеска.

Преку овој пример, светата православна Црква, нè поучува да ја проучуваме нашата вера, да ја запознаваме, но, исто така, длабоките вистини, кои го надминуваат ограничен ум, да ги примаме со вера, бидејќи не сме сите подготвени, ниту психофизички, ниту интелектуално, ниту во кој друг поглед, за да можеме сè да проучиме, да провериме и да утврдиме. Но, тука ни помага верата, која без измачување на духот и без проверки и анализи, ни дава да ги спознаеме Божествените вистини, но и да живееме според нив. Да се потрудиме да живееме со исправен благочестив христијански живот, та Воскреснатиот Христос да Го имаме во нашиот ум, во нашето срце, во нашата душа, во нашите постапки. Само на тој начин, ќе бидеме подготвени да ги отстраниме сите недоумици, сомневања и недоверби од нашиот живот, да го исповедаме нашето Верују и според него да постапуваме.

Да се обратиме со искрена молитва и кон свети апостол Тома и кон свети Јован Крстител и Претеча Господов, на кого е посветен овој свет манастир, по нивните молитви, Бог да излие огромна благодат кон нас и да оттргне секаква недоверба во Господа Христа, а да ја зацврсти вистинската вера во нашиот Спасител, Кој се распна и воскресна за нашето спасение!

Денеска, на овој свет празник, би сакал да искажам искрена и топла благодарност на г-дин Иван Постоловски и неговото семејство од Скопје, кој оддели големи средства, за да го збогати манастирот со уште едно сериозно и значително ѕвоно, како според својата монументалност од 1850 килограми, така и според својата убавина. Истото е украсено од сите четири страни, на кои се изобразени четири икони: Воскресението Христово, Рождеството на свети Јован Крстител, како и иконите на свети Константин и Елена, и светите Кирил и Методиј, сесловенските учители. Не случајно се изобразени сите овие претстави. Христовото Воскресение е Празникот над празниците и Торжеството над торжествата на нашата света православна вера. Светиот Јован Крстител е патрон на ова наше духовно и просветно огниште во Западна Македонија. Светите цар Константин и царица Елена, имаат огромна заслуга за Црквата Христова, а особено со донесувањето на Миланскиот едикт од 313 година, со кој се дава слобода на христијаните, а од кого оваа година одбележуваме Јубилеј 1700 години. Но, за нас Македонците, како и за останатите словенски народи, ништо помала важност и заслуга немаат и светите браќа Кирил и Методиј. Оваа година, пак, одбележуваме 1150 години од започнувањето на нивната просветителска Моравска мисија.

Камбаната има повеќе значенија. Но, најважното е објавувањето на Христовата наука и повикувањето за духовно будење, за молитва, за препород и за спасение на душите на луѓето. Нека оваа камбана послужи за духовно будење и препородување, како на братството на оваа света обител, така и на сите посетители на овој свет манастир. Во нашиот народ постои една изрека: „Раката на оној, кој на Господа дава, Господ никогаш празна не ја остава“. А ние да се помолиме на Воскреснатиот Христос, Тој, на г-дин Иван и неговото семејство, стоструко нека му возврати за овој дар на Бога и на оваа света обител. Најпрво нека му подари здравје, а потоа и успех во неговата работа, за да може и понатака да ја помага Македонската православна црква и да прави добри дела на нашиот народ. Нека воскресне Христос во сечија душа, за да нè облагодари и препороди и да одиме по вистинскиот пат, та да го добиеме ветеното Царство.   

Христос Воскресе!

 

                                  

 

   

 

                                            

 

    

 

   

 

   

 

    

 

   

 

   

 

 

Извор: Дебарско-кичевска епархија