Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Слово на погребот на Митрополитот Кирил (14.06.2013 22:24)

Размислувајќи за денешново збогување со блаженоупокоениот Митрополит Кирил, бев и сеуште сум во големо двоумење – што да одберам за да кажам за него, а тоа да биде најзначајното во неговиот живот?!

Да се говори за покојниот Митрополит Кирил - значи да се говори за новата историја на МПЦ; да се говори за Митрополитот Кирил - значи  да се говори за учесник во најзначајните настани од животот на нашата Света Црква во полследниве 50 години; да се говори за Митрополитот Кирил - значи да се говори за еден од петмината членови на Синодот кои богомудро проценија дека конечно се исполни времето за воскресение на Охридската Архиепископија; да се говори за Митрополитот Кирил - значи да се говори за еден од доносителите и потписниците на Одлуката за обнова на Охридската Архиепископија во 1967 година; да се говори за Митрополитот Кирил - значи да се говори за архиерејот кој има неповторлива заслуга во мисијата на МПЦ, особено меѓу иселените Македонци во Австралија, САД и Канада; да се говори за Митрополитот Кирил значи да се говори за архиерејот кој постави темел за македонското црковно-национално дело во прекуокеанските земји; да се говори за Митрополитот Кирил - значи да се говори за градителот на десетици храмови на австралискиот и уште толку на северно-американскиот континент; да се говори за Митрополитот Кирил - значи да се говори за архиерејот кој успеа илјадници македонски чеда од под стреите на туѓите цркви да ги прибере под омофорот и покровот на мајката Македонска црква; да се говори за Митрополитот Кирил - значи да се говори и за првиот архиереј на Полошко-кумановската епархија, за архиерејот кој духовно ги оживеа и прероди и Полог, Маврово и Кумановско, па сѐ до Кратовско и Паланечко и насекаде до каде што стигна, архиерејот кој деноноќно бдееше над Лешочкиот и Осоговскиот манастир и кој тажен замина заради Матејче и за другите секојдневни рани и зулуми низ Епархијата; да се говори за Митрополитот Кирил - значи да се говори за човекот кој остави длабоки траги во духовниот раст на бројни генерации наши богољупци и родољупци... А сето тоа Тој можеше да го прави и направи зашто беше целосно оддаден на позивот што го избрал – преку Црквата да Му служи на Бога и на својот народ. И навистина, ретки се личностите коишто оставаат такви и толкави дела, дела што ни ни рѓата ги гризе, ниту молците ги јадат (Матеј 6, 20).

За секој човек, нема повозвишено од тоа, па и за архиерејот, кој, како нашиот Дедо Кирил, обѕрнувајќи се кон постигнатото може да рече, како Апостолот, дека добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив (2 Тим. 4, 7). А Дедо Кирил беше вистински борец, борец за македонска црковна и национална правда и вистина. Како за таков го знаеа не само блиските соработници и поддржувачи на неговото дело, туку за таков го сметаа и сите противници и непријатели на македонското црковно и национално дело, за кое Тој беспоштедно се бореше и залагаше. Знаеше Дедо Кирил да истрае до крај, зашто силно веруваше дека вистината е на наша страна, дека нема друг пат за нас како народ од нашиот македонски пат, од патот на кој може да се истрае само со единство и разбирање меѓу македонскиот народ. А тоа беше патот покажан од нашите достојни претшественици, патот по кој единствено мора и треба да се оди за да се опстои. – Не можат да ни мислат добро оние кои се потврдиле со зло против нас и не можеме да очекуваме добро од оние кои не нѐ сакаат и не нѐ признаваат како народ и Црква, коишто грабнале дел од нашата земја и коишто товарале и носеле од Македонија, од македонските храмови и манастири и коишто за жал сѐ уште се со такви мисли и желби, знаеше честопати со горчина на душата да каже Дедо Кирил.

Но, како ретко кој, Тој беше внимателен кон секого и го мереше секој збор за да се искаже најдобро, и како треба и колку треба. Животот и приликите го научиле да размислува пред секој чекор и постапка, па затоа често ја користеше и онаа народната – Трипати мери, еднаш крои! На неговото човечко и архиерејско искуство и мудрост знаевме, ние помладите, често да се потпираме и да го ползуваме, а неговите совети секогаш ни беа добродојдени.

Високопреосвештен Владико, замина ненајавено – без збогум, без да нѐ подготвиш, но замина храбро како што и Ти доликува. Ама, знај, Дедо Кириле, сѐ уште ни беше потребен овде, зашто уште можеше да даваш и да создаваш за нашата црква и народ. Но, неизбирливи се Божјите планови (Рим. 11, 33). Сезнајниот Бог Те повика во старото братство, во Синодот на блаженоупокоениот Доситеј и другите покојни браќа – поглавари, архиереи и свештенослужители... Носи им поздрав на сите – и на оние до Архиепископот Арсениј[2] и по него, на сите црнорисци, маченици, борци, бранители – страдалници за Црквата и Татковината наша, поздрави ги сите коишто се бореле и ја бранеле правдата и вистината наша. Кажи им дека не престанале искушенијата и нападите кон сѐ што е македонско, но пренеси им и дека нема да отстапиме од интересите и идеалите за кои и тие се бореа и застапуваа.

Високопреосвештен Владико, МПЦ веќе четврт ден тагува и овде и насекаде до каде што ја има, тагуваат и роднините, блиските, пријателите и почитувачите Твои, а ги имаш многу и во сите генерации и по сите континенти. - Колку се само крстени и благословени, и бракови и семејства и домови и имоти, колкумина побарале и добиле и утеха и помош? – тие сите жалат, зашто Ти како предвреме да замина... Тагуваат и свештенослужителите, ра-коположени или раководени, зашто останаа без својот возљубен владика, без пастирот кој душата своја ја полагаше за своето паство (Јован 10, 11). Тагуваат сите, зашто Те имаа како архиереј каков што им доликуваше да имаат, архиереј кој им беше верен до смрт и кој заслужи венец на животот (Откр. 2, 10), кого во последно време сѐ повеќе го измачуваше нарушеното здравје, а беше свесен до последниот миг дека само еден чекор е далеку од смртта (сп. 1 Цар. 20, 3), дека секој си ја носиме смртната пресуда, надевајќи се на Бога (2 Кор. 1, 9), и дека светот поминува и похотите негови, а кој ја извршува волјата Божја останува довека (1 Јн. 2, 17).

Возљубени, ние силно веруваме дека Митрополитот Кирил ќе продолжи да живее во душите на сите коишто го сакаа и почитуваа, и во Преспа и Македонија, како и во Торонто, Детроит, Мелбурн и насекаде, ќе продолжи да живее во многубројните дела што ги направи, ќе продолжи да живее во подигнатите градби низ епархиите со кои раководел и во посеаното евангелско слово во душите на многу луѓе. Неговото име и неговото дело веќе се дел од историјата на МПЦ и македонскиот народ, зашто навистина беше добар човек, исполнет со Дух Свети и вера, човек кој многу народ присоедини кон Господа (сп. Дела 11, 4).

Да се помолиме, Бог да го прости и нека му е вечен споменот! Амин!

Архиепископ Охридски и Македонски Стефан



[2] Последниот поглавар на Охридската Архиепископија до забраната на нејзината дејност во 1767 година.