Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Меѓународен симпозиум за Црквите во Романија, Грузија, Македонија и Полска (16-09-2017 17:22)

Во периодот од 12 до 14 септември 2017 година во Костанца, Романија беше одржан меѓународен симпозиум на тема: „Црквите во Романија, Грузија, Македонија и Полска. Форми на организација и лидерство низ вековите“, на кој учествуваа теолози, академици, универзитетски професори и научни истражувачи од повеќе земји, како и Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, придружуван од Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски г. Климент.

Симпозиумот беше отворен со воведното изложување на Архиепископот Стефан, кој говореше на темата за „Автокефалноста во Православната Црква и непризнавањето на Македонската Православна Црква“. Во своето искажување тој се осврна врз историските и современи случувања во однос на прашањето за автокефалноста во Православната Црква, посветувајќи посебно внимание на актуелната состојба на православието и неприфаќањето на постоењето на Македонската Православна Црква.

Меѓународниот научен симпозиум беше организиран од страна на Универзитетот Овидиус од Констанца, Романија, заедно со Романската академија на науките, Грузиската академија на науките, Универзитетот од Катовице – Полска, а со значителна поддршка од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје преку учеството на професори од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ (проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, проф. д-р Јован Белчовски, проф. д-р Дејан Борисов, асс. м-р Виктор Недески), Филозофскиот факултет (проф. д-р Бобан Петровски) и Институтот за национална историја (проф. д-р Драган Зајковски).

 

                      

    

Извор: Православен Богословски факултет „Свети Климент Охридски“, Скопје