Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Рајчица (19.03.2005)

 

Вонредната љубов на монаштвото кон Пречистата Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија, прославувана во црквите, по манастирите, по скитовите, во пештерите и по келиите на подвижниците на Црквата Божја вдолж вековите и ширум вселената, со истиот восклик синоќа одѕвони и го означи крајот на првото петдневие на великопосните служби во параклисот на Светите Григориј Палама, Нектариј Битолски и Јован Кукузел-Дебарски во женскиот манастир во Рајчица, со надеж дека Пресветата ќе нѐ укрепи и овојпат со Чесниот Пост да придобиеме значително од многупотребното исцеление од страстите, бидејќи:

 

Нова твар ни покажа кога ни се јави Создателот

нам, на од него створените;

од бессемена утроба излезе

и Неа нетлена каква што беше Ја зачува,

та чудо гледајќи да Ѝ воспееме повикувајќи:

 

Радувај се, цвету на нетлението!

Радувај се, венецу на воздржанието!

Радувај се, образот на воскресението го заблеска!

Радувај се, ангелскиот живот го објави!

Радувај се, дрво благоплодно

од коешто верните се хранат!

Радувај се, дрво сеновито,

под коешто мнозина се засолнуваат!

Радувај се, Ти Која во утробата Го носеше

Избавителот на пленетите!

Радувај се, Ти Која Го роди

Исправителот на заблудените!

Радувај се, на Судијата праведен умоление!

Радувај се, на многуте согрешенија простување!

Радувај се, на бедните ризо на дерзновение!

Радувај се, љубов што го победува секое желание!

Радувај се Невесто Неневестна!

 

Во манастирот на Св. великомаченик Георгиј во Рајчица во тек се подготовките за осветувањето на престолот во параклисот, кое во недела (на 27 март) на почетокот од седмицата што му е посветена на Св. Солунски архиепископ Григориј Палама (првиот меѓу патроните на овој параклис), во овој Метох на Бигорскиот Манастир ќе го изврши тамошниот архиереј, Митрополитот г. Тимотеј со свештенство од Дебарско-кичевската и од Повардарската Епархија. Тој ден портите на манастирот на Свети Георгиј ќе бидат ширум отворени за сите верници и добронамерни гости.