Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Ерусалим: Необичниот лик на Егзархот (15.05.2005)

Лиферуваните информации од светските медиумски куќи за најновите збиднувања во Ерусалимската Патријаршија, ме поттикнаа да се потсетам на нашето поклоничко патување во Светата Земја во 2000 год. Поводот беше 20 века Христијанство, организатор Владата на РМакедонија, а меѓу оние кои патуваа со чартер-летот од Скопје кон Тел Авив беше и црковната делагација составена од: архиепископот г. г. Стефан, митрополитите г. Петар и г. Наум и неколкумина монаси, меѓу кои и јас.

 Летот над медитеранот беше незаборавен бидејќи за прв пат од птичја перспектива ги видов светогорските манастири на првиот од трите издолжени прста на Халкидики. Се насмевнав во себеси и си реков: по пет години за првпат над Света Гора, та ако не од земја барем од воздух да го видам манастирот во кој сум замонашен.

 Беше попладне кога слетавме на Светата Земја. Официјалниот прием во Ерусалимската Патријаршија на нашата црковна делегација веќе беше договорен. Познавањето на грчкиот јазик ми овозможи во техничко својство на преведувач да влезам во составот на нашата делегација. Тоа време Ерусалимски Патријарх беше просветлениот старец Диодор, кој беше добро запознат со црковната ситуација во Македонија. Средбата со него само го потврди претчувството за неговата духовна физиономија за која бевме слушале одамна од оние на кои добро им беше познат неговиот маченички живот и подвиг.

Со зборовите: „Добродојдовте во земјата осветена од стапките на Христос!”, патријархот Диодор искрено и братски му посака топло добредојде на нашиот архиепископ Стефан, кој пак од своја страна се заблагодари за срдечниот прием. Митрополитот г. Петар со кратко експозе го запозна патријархот со подвигот на нашата Црква кој го доживуваме како наш предизвик во борбата за името и статусот на Македонската Православна Цркв во семејството на Православните Цркви.

 Разговорот траеше речиси два часа. Патријархот Диодор смирено и трпеливо нѐ сослуша, нѐ подржа да истраеме во нашата борба и на крајот испраќајќи нѐ во мир ни даде благослов да ги посетиме сите цркви и манастири што се под негово духовно раководство. Кога нашите архиереи му побараа миро за Светата Тајна Крштевање, патријархот ни даде миро и благослов да крштеваме во неговата диецеза.

 Ни предочи со поклонението да започнеме од Живоносниот Гроб Христов во Храмот на Воскресението. За таа цел оддели еден архимандрит, член на неговото братство од Христовиот Гроб, за да нѐ придружува и да ни ги покаже сите Свети места. На крајот ни подели грамати со кои Ерусалимската Патријаршија го потврдува поклонението на Христовиот Гроб. Мојата тапија ја чувам во мојата келија.

Не знам зошто, но пред да тргнам на аџилак лично имав длабока дилема дали да патувам во Ерусалим. Затоа на браќата во Зрзе им велев дека патувањето ќе ми биде душеполезно ако во мене го разбуди чувството што го имам додека го читам Воскресното Евангелие, тој  препознатлив опоен  мирис на велигденското утро.

И денес се сеќавам на тие светли мигови... на патот на страдањата, Вероника со ризата, плочата со мирисите, Голгота, Распетие, расцеп во земјата од земјотресот, кувуклионот, мермерен столб на ангелот, земната утроба и Живоносниот Гроб поубав од секоја царска одаја, и на крајот кај Распнатиот и Воскреснатиот Христос со целиви, солзи и молитви од најпрезрените... од Македонија.

Кога се вратив дома, на моите во Зрзе им ја посведочив големата благодат од Светата Земја, не како едно туку како дванаесет воскресни Евангелија.

            Но и покрај целиот светол спомен од поклонението, еден фрагмент од приемот во Патријаршијата во древниот град Ерусалим, остави длабока трага во мојата меморија. Имено, во официјалната сала за прием околу тронот на кој седеше патријархот, наспроти нашата црковна делегација, беа неколкумина митрополити од Ерусалимската Патријаршија и секретарот на патријархот, митрополитот г. Тимотеј. Меѓу нив за мене се беше одвоил ликот на еден средовечен епископ кој едноставно не ја изразуваше радоста од средбата на поглаварите на древниот Ерусалим и на македонскиот Ерусалим - Охрид. Додека траеше дијалогот меѓу нив, тивко го прашав секретарот на патријархот кој е епископот што го привлече моето внимание. „Тој е егзарх на Ерусалимската Патријаршија во Атина и се вика Иринеј”, ми одговори секретарот. Единствено тој од целата свита околу патријархот го одбегна поздравувањето со нас.

Ниту јас ниту мојот соговорник г. Тимотеј тогаш можевме да знаеме дека ми го покажува идниот Патријарх Ерусалимски. Иако и тој и јас тогаш знаевме дека, заради староста и болеста на актуелниот Диодор, не за многу долго ќе се бира нов патријарх на Ерусалимскиот Престол. Постфестум од грчките медиумски новински агенции дознав дека во тоа време овој факт најдобро го знаел сега веќе екс-патријархот Иринеј, кој бескрупулозно се подготвувал за освојување на патријаршискиот престол.

Разбрануваната црковна ситуација во Ерусалим покажа како изборот на поглавар може да стане извор на искушенија што можат сериозно да ѝ наштетат на Црквата. Оние што се запознаени со таканаречената „Вавилијада”, афера којашто ја потресува грчката јавност последниве месеци, знаат дека клучниот сведок Апостолос Вавилис затворен во италијанскиот затвор во Болоња е човекот што во своите сведочења ги поврза имињата на Атинскиот архиепископ Христодул и екс-патријархот Иринеј.

Антиохискиот Патријарх Игнатиј го искажа своето негодување кон Иринеј. Коментирајќи ги финансиските скандали, продажбата и трансакцијата на земјиште, арапските православни христијани целосно се соблазнети од неговите дела. Отворено се залагаат за создавање на Арапска Православна Црква, која целосно ќе се еманципира од Грчката Православна Патријаршија во Ерусалим. Речиси кај сите преовладеа непријатното чувство дека личната амбиција на Иринеј е причина за тектонските потреси на православието на Блискиот  Исток.

Последиците од неговото кратко и несовесно управување со кормилото на бродот на Ерусалимската Патријаршија најмногу ги почувствуваа оние што му го дадоа легитимитетот на поглавар. Но токму затоа, со цел да го поправат стореното на последната синодска седница, митрополитите на Ерусалимската Патријаршија со дво-третинско мнозинство во Синодот го отфрлија Патријархот од своите редови.

 Останува допрва да се открие на кој начин, со какви средства и со чија помош некогашниот амбициозен егзарх ерусалимски во Атина Иринеј, успеа да го освои Патријаршискиот Престол во Ерусалим на кој само кратко можеше да му се израдува. Официјален Израел никогаш не го призна неговиот избор за патријарх.

Нему деновиве му престои пат до Фанар. Таму ќе биде пречекан од неговиот домаќин Патријархот Вартоломеј. Во меѓувреме, пред да стигне кај првиот меѓу еднаквите православни епископи, од портпаролот на грчката влада му е препорачано да поднесе оставка од својата функција. Дали Иринеј ќе дојде во Фанар како патријарх, а ќе си замине како пензионер останува да видиме наскоро.    

 

Архимандрит Климент, новоизбран епископ Хераклејски